Акциите на „Мајкрософт“ го кренаа индексот Насдак на рекордно ниво

Вредноста на акциите на Мајкрософт се зголеми за 5,6 проценти, откако технолошкиот гигант објави дека има намера да го преземе американскиот бизнис на апликацијата „ТикТок“

 

На Вол Стрит цените на акциите се зголемија во понеделникот, додека индексот Насдак достигна рекордно ниво бидејќи инвеститорите беа охрабрени од најавите за преземање и спојување на компании.

Индексот Дау Џонс зајакна 236 поени, или 0,89 проценти, на 26.664 поени, додека С&П 500 се зголеми за 0,72 проценти, на 3.294 поени, а индексот Насдак 1,47 проценти, на рекордни 10.902 поени.

Меѓу најголемите победници вчера беа акциите на Мајкрософт со пораст на цената од 5,6 проценти, откако технолошкиот гигант објави дека има намера да го преземе американскиот бизнис на апликацијата „ТикТок“, која е во сопственост на кинеска компанија.

Акциите на АДТ, во меѓувреме, пораснаа за над 50 проценти по веста дека Алфабет, матичната компанија на „Гугл, има намера да купи 7 отсто удел во компанијата за решенија за домашна безбедност.

Цената на акциите на „Varian Medical Systems“ скокна за повеќе од 20 проценти, по веста дека германската компанија „Сименс хелтинерс“ сака да ја купи за 16 милијарди долари.

„Пазарот го поттикнаа вестите за преземање и спојување. Ова, всушност, покажува дека управувањето е посигурно во иднина. Зошто инаку би потрошиле милијарди долари?, објаснува Џејк Долархајд, извршен директор на „Лонгбоу асет менаџмент“.

Цената на акциите на „Епл“, исто така, нагло се зголеми вчера, за 2,5 проценти, бидејќи инвеститорите сè уште се импресионирани од одличните квартални деловни резултати на технолошкиот гигант, објавени минатата недела.

Така, пазарната вредност на најголемата американска компанија се приближи на само околу 140 милијарди долари до нивото од 2.000 милијарди долари.

Благодарение на тоа, вчера индексот С & П 500 во секторот на информатичка технологија скокна за 2,5 проценти, значително повеќе од другите секторски индекси.

Инвеститорите се фокусираат и на кварталните деловни резултати, а досега повеќе од 80 проценти од компаниите што ги објавија извештаите ги надминаа очекувањата на аналитичарите.

Сепак, очекувањата се ниски, па аналитичарите во анкетата на Ројтерс проценуваат дека заработката на компаниите од индексот С&П 500 е приближно 30 проценти помала од претходната година.

Поддршката на пазарот е и поради надежите на инвеститорите дека демократските и републиканските законодавци во Конгресот деновиве ќе се договорат за нови стимулативни мерки, вредни 1.000 милијарди американски долари, бидејќи некои од сегашните мерки за помош на невработените истекуваат.

Во март, индексите на берзата паднаа нагло како резултат на избувнувањето на кризата со корона вирусот, но во последните месеци тие надокнадија огромен дел од загубите благодарение на досега невидените стимулативни фискални и монетарни мерки.

Така, индексот Насдак вчера достигна ново рекордно ниво, додека индексот S&P 500 е само околу 3 проценти од своето рекордно ниво од крајот на февруари.

И на европските берзи, цените на акциите вчера се зголемија. FTSE во Лондон зајакна 2,29 отсто, на 6.032 поени, додека DAX во Франкфурт скокна за 2,71 проценти, на 12.646 поени, а CAC во Париз 1,93 отсто, на 4.875 поени.