Акциите на Комерцијална банка направија речиси половина од прометот на Берзата во јули

Над 2,7 милиони евра бил прометот со акциите на Комерцијална банка во јули, или дури 48,82 отсто од вкупното тргување со акциите на пазарот на капитал, покажува најновиот билтен што го објави Берзата. Уште две компании се издвојуваат според прометот минатиот месец, најголемата фармацевтска компанија во земјата „Алкалоид“ со 13,32 отсто од прометот со акции (743 илјади евра) и градежната компанија „Гранит“ со 11,83 отсто од прометот или 660 илјади евра.

За берзанските аналитичари ваквите податоци не се изненадување, со оглед на добрите показатели од работењето на компаниите остварени во услови на пандемија со КОВИД-19, пред се на Комерцијална банка и на Алкалоид кои ги објавија шестмесечните резултати.

Така, Комерцијална банка во првото полугодие годинава оствари добивка во износ од над 12 милиони евра што е за околу 1,1 милиони евра подобар резултат од минатата година. Ова е дотолку позначајно ако се има предвид во какви услови беше работењето годинава, под неповолното влијание на корона кризата.

Одлични резултати објави и „Алкалоид“ – раст на консолидираните продажби од 10 отсто, со двојно зголемени инвестиции во износ од над 841 милиони денари и со 111 нови вработувања во периодот јануари-јуни 2020 година, како и консолидирана добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) која достигна 978.792.142 денари и бележи раст од 13 отсто, додека консолидираната нето-добивка во износ од 511.911.371 денари е зголемена за 11 отсто.

Инаку, на берзата во јули вкупно биле реализирани купопродажби на акции во износ од 5,57 милиони евра.

Тргувањето со акциите било поголемо за 17,7 отсто во споредба со претходниот месец. Кај обврзниците прометот бил помал за 94,44 отсто, додека кај блок-трансакциите за 50,34 отсто, што влијаеше вкупниот промет да е за 14,16 отсто помал од јуни.

Пазарната капитализација на акциите на крајот на јули изнесуваше 171,12 милијарди денари и е за 1,5 отсто поголема од претходниот месец. Вредноста на индексот МБИ 10 на 31 јули беше 4.289,51 поени, за 4,20 отсто повеќе во однос на јуни, додека во однос на крајот на декември минатата година, е понизок за 7,73 отсто. (М.Ј.)