Акциите на фармацевтскиот гигант „Баер“ потонаа на десет годишен минимум


Акциите на „Баер“ паднаа на најниско ниво во повеќе од една деценија, откако компанијата се откажа од клучното тестирање на разредувачот на крв кој со години се сметаше за главен производ, велејќи дека не ги дал очекуваните резултати.

Германската компанија во понеделникот соопшти дека нејзиното испитување на Asundexian како лек за атријална фибрилација покажало „слаба ефикасност“ во споредба со стандардниот третман.

Во текот на викендот, „Баер“ исто така загуби клучен случај во САД во врска со хербицидот Roundup, стекнат со преземањето на „Монсанто“ во 2016 година. „Баер“ веќе плати повеќе од 10 милијарди долари за подмирување на побарувањата поврзани со овој најпродаван хербицид и одвои уште 6,4 милијарди долари за идните правни трошоци. Откако доби девет последователни судски случаи во последните години, компанијата доживеа серија порази на американските судови од летото, пишува Моментум.

Фармацевтскиот оддел на „Баер“ се соочува со истекување на патентите за некои од неговите најпродавани лекови, вклучувајќи го и лекот против згрутчување Xarelto, и имаше големи надежи за Asundexian. Компанијата претходно процени дека новиот лек може да генерира до пет милијарди евра годишна продажба, што е четвртина од целиот фармацевтски приход на групата во 2022 година.

„Баер“ соопшти дека одлучил да го прекине испитувањето по препорака на независна комисија која ја надгледувала студијата. Тие рекоа дека „понатамошно ќе ги анализираат податоците за да го разберат исходот“ и ќе ги објават. Компанијата соопшти дека ќе продолжи да го проучува лекот во посебно испитување за пациенти со мозочен удар.

„Баер“ го реконструираше менаџментот ова лето, ангажирајќи го поранешниот шеф на „Рош“, Андерсон, кој вети дека ќе ги истражи сите опции за групата, вклучително и одвојување на фармацевтскиот бизнис од агрохемикалиите. Тој, исто така, вети дека ќе го направи бизнисот помалку бирократски и поефикасен.

Акциите на „Баер“ паднаа за 17 отсто на вчерашното тргување, на 34,3 евра, што е нивно најниско ниво од 2008 година. Сегашната пазарна вредност на компанијата е 33,6 милијарди евра.