Акар: Турција не се дистанцира од НАТО со купувањето руски ракетен систем


Турција не се дистанцира од НАТО алијансата со купувањето руски ракетен систем С-400, изјави денеска турскиот министер за одбрана Хулуси Акар, додавајќи дека Анкара не треба да биде исклучена од проектот за набавка на американски борбени авиони Ф-35 поради купувањето руски системи.

Турција и Соединетите Американски Држави, како НАТО сојузници, се во спор околу намерата на Анкара да купи руски систем С-400, за кој Вашингтон тврди дека не е компатибилен со системите на НАТО и дека може да претставува закана за борбените авиони Локхид Мартин Ф-35, за кои Турција е потенцијален купувач и партнер во производството.

Во интервју за НТВ, Акар изјави дека исклучувањето на Турција од проектот Ф-35 ќе стави „многу тежок товар“ на останатите партнери во проектот.

– Нема клаузула во која се наведува дека „ќе бидете исклучени од ова партнерство ако купите S-400“. Нашето исклучување од едноставна причина што друга земја го сака нема да биде во согласност со правдата, правото или законот. Тоа не треба да се случи, рече Акар.

Тој изјави дека Турција се обидува да им објасни на САД и на другите партнери во проектот Ф-35 дека системот С-400 нема да претставува закана за борбените авиони и додаде дека Анкара презела мерки за да го спречи тоа.