Академик Ќулавкова остро против предлогот на Мицкоски и Милошоски: Тоа е „руски рулет“ за Македонија
Според Ќулавкова, предлогот преку бугарските европарламентарци да поднесе резолуција за македонскиот јазик во ЕП, е „крајно неодговорен чин“

Катица Ќулавкова, член на МАНУ, остро го нападна предлогот на премиерот Христијан Мицкоски, а потоа разработен од пратеникот Антонио Милошоски, Македонија преку бугарските пратеници во Европскиот парламент да да поднесе резолуција во која „јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик… и да почнеме да испорачуваме“.
Ќулавкова, која е позната по застапувањето на ставовите од националниот спектар во општеството, го оцени ова како „руски рулет“ за Македонија, бидејќи македонскиот јазик е веќе признат факт во науката, политиката и културата.
Во реакцијата на Фејсбук Ќулавкова напиша:
„Предлогот за заедничка резолуција на Македонија со Бугарија за потврда на македонскиот идентитет и јазик, сугериран од г. Антонио Милошоски, ја загрижува македонската научна и културна јавност и во никој случај не би требало да се процесуира официјално од македонските државни институции, од повеќе причини:
– Македонскиот јазик има свој историски континуитет и развој, свој дијалектен систем, своја кодификација, свои предкодификации и признанија во текот на многувековната историја и не смее да биде предмет на произволни политички и партиски ставови;
— Македонскиот јазик е признаен од славистиката и во науката за јазикот во меѓународни рамки;
– Македонскиот јазик е признат од ОН уште од самото нивно основање;
– Македонскиот јазик беше и е признаен од две третини најмалку од постојните држави во светот;
– Македонскиот јазик е признаен во меѓународните асоцијации на писателите (Меѓународен ПЕН и др.)
– Од македонски јазик и на македонски јазик се преведени илјадници книги и автори;
– Македонското јазично прашање е заштитено и со Преспанскиот договор;
– Македонскиот јазик беше официјален државен јазик на Југославија, како и на Македонија и кога беше во составот на федерацијата и од основањето на независна Република Македонија;
– Постојат бројни лекторати за македонски јазик во Европа и светот;
– Македонистиката е ценета научна дисциплина, и тоа никој не го довел во прашање“, пишува Ќулавкова.
Таа потоа го поставува прашањето кое многумина во јавноста, па и во круговите блиски до владата, си го поставуваа кога таа идеја беше промовирана од Мицкоски во интервјуто за Канал 5, а ден потоа разработувана од Милошоски.
Ќулавкова вели:
„Затоа, да се бара од соседна Р. Бугарија да поднесеме заедничка резолуција пред Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик, за признавање на ноторен лингвистички, научен и културен факт, е еден вид ‘руски рулет’ за Македонија, крајно неодговорен чин.
Билатералните политички спорови треба да си останат локални, билатерални и политички, а не да им се даде шанса да го загрозат статусот кој веќе е стекнат по сите основи.
Подобро е македонската Влада да ги поддржи како стратешки приоритетни научните проекти за македонскиот јазик на МАНУ, Институтот за македонски јазик и други институции, да ги стимулира младите да го изучуваат и да се вработуваат соодветно, да ја шири и подобри мрежата на лекторати по македонски јазик и др. и да не дозволи импровизација со политички партии, групации и лоби групи во ЕП“.
Кога го разработуваше предлогот Милошоски рече:
„Ако Бугарија тврди дека проблемот, на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, се само Бугарите во Уставот, предлагаме да поднесеме заедничка Резолуција во ЕП со која што ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија. Понудата којашто е дадена од премиерот Мицкоски, е отворена“.
Но тој кажа дека имаат задршка во владејачката партија. „Имаме доза на скептицизам дали ова барање ќе биде прифатено од официјална Софија, бидејќи тоа што го гледаме од страна на источниот сосед, посебно некои нивни владини претставници изгледа како да имаат одредени задни намери. Отворањето на Уставот, изгледа дека за многу владини претставници во Софија, е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади“.
Уште при обелоденувањето на ваквиот предлог на Мицкоски тој изгледаше наивен и политички и дипломатски плиток, Милошоски при презентацијата изгледаше како да е принуден тоа да го направи за да претстави некаква дипломатска иницијатива во која и самиот не верува, а сега еден од предводниците на заштитата на јазикот во критиките на двата договори – со Грција и Бугарија – академик Катица Ќулавкова оценува дека тоа е „руски рулет“ за Македонија.