Академијата за судии и обвинители ја тужи ДКСК пред Управниот суд


 

 Академијата за судии и јавни обвинители поднесе тужба до Управниот суд по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата дека Академијата со конкурсот и тестирањето на кандидатите за судии и обвинители го прекршува законот во изборен период.

Од Академијата, посочуваат дека пред и на самата јавна седница на ДКСК, што се одржа на 10 април, имало многу процедурални повреди, за што Академијата ќе бара судска заштита и ќе ги остварува своите права пред Управниот суд.

Државната комисија за спречување на корупцијата, на јавната седница со пет гласа го усвои приговорот поднесен од Гордана Силјановска-Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик. Комисијата, согласно надлежностите, ќе преземе мерки и ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи.

Според приговорот на Силјановска – Давкова, доставен на 6 април до ДКСК, Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, на седницата нагласи дека се незадоволни од одлуката и оти правдата ќе ја бараат пред Управниот суд, а, како што рече, најголеми губитници во овој случај се кандидатите.