Аја Софија, чудото на византиската архитектура , им пркоси на земјотресите 1.500 години

Од 238 разорни земјотреси во Мраморното Море, само три (558, 989 и 1509 година) делумно го оштетиле градежното чудо од 6 век - црквата на Божјата мудрост во Константинопол


Турција– Турција сè уште тагува за десетици илјади луѓе кои загинаа во земјотресот во Кахраманмарас. Според официјалните податоци, повеќе од 130.000 луѓе ги напуштиле 11 области кои се прогласени за зони на катастрофа.

Во овој разорен земјотрес беа оштетени бројни културно-историски објекти, како што се тврдината Газиантеп, џамијата Хабиби Некар, улицата Куртулуш и зградата на Парламентот во Антакија, а некои беа целосно уништени.

Згради стари околу 1.800 години го преживеаја земјотресот, додека зградите изградени пред неколку години беа целосно уништени и ќе послужат како болна поука и предупредување за денешните генерации.

Истанбул е еден од најголемите градови во светот сместен во опасната зона од земјотреси. Се проценува дека во овој антички град, кој бил главен град на империјата, загрозени се околу 90.000 згради, пренесува „Хабер Глобал“.

Како Аја Софија , изградена во кревка област каде земјотресите не се ретки, опстанала илјада и петстотини години?

Ковчегот на Божјата мудрост е една од најстабилните градби, тоа е чудо на архитектурата, преживеал бројни земјотреси и грабежи.

Тајната на неговата долговечност се крие во градежниот материјал кој се користи во неговата изградба.

Имено, тој бил изграден од огноотпорни материјали, со додавање на дробен јаглен во малтерот, што го направило пофлексибилен и полесен во споредба со материјалите што се користат денес. Покрај тоа, користен е посебен, лесен тип на тули донесени од островот Родос. Овие тули беа порозни и беа поставени помеѓу многу дебели слоеви малтер. Овој врзувачки материјал ја апсорбира енергијата ослободена за време на земјотрес и спречува оштетување.

Познато е дека олово се користело во четирите главни столбови, куполите во просторот помеѓу, а мермерите кои дошле од целиот свет ја прават зградата поцврста и поотпорна, се вели во студијата на истражувачкиот тим HSRT. 

Од 238 разорни земјотреси во Мраморното Море, само три (558, 989 и 1509) го оштетиле. Нејзината главна купола еднаш била целосно уништена, а двапати преживеала со делумно оштетување. До денес има неколку преправки и сериозни реконструкции.

За време на реконструкцијата во 16 век, ѕидовите биле зајакнати со надворешни потпорни конструкции додадени од познатиот отомански архитект Мимар Синан, кој се сметал за еден од првите сеизмички инженери во светот.

Аја Софија, изградена во 6 век, била најголемата христијанска црква во светот речиси илјада години, сè додека не била изградена катедралата во Севиља во 16 век. Проектирана е од византиските градители Антемије од Тралес и Исидор од Милет.

Антемије, професор по механика и Исидор, познат математичар, донесоа сосема нова перспектива на претходната архитектура.

Столбовите од одамна напуштениот и уништен храм на Артемида во Ефес, едно од седумте чуда на античкиот свет, биле користени за утврдување и украсување на внатрешноста на црквата.

Дополнителни градежни материјали биле донесени од различни делови на Византиската империја, како зелен мермер од Тесалија и жолт камен од Сирија.

Најдобро зачуваниот мозаик во внатрешноста на Аја Софија е на главната влезна врата. Таа врата се нарекува и „кралска врата“ затоа што таму влегувал византискиот император. Мозаикот потекнува од 11 век, а на него е прикажана Дева Марија како го држи Исус во раката во средината, додека од десната страна е царот Константин кој и го дава самиот град, а од левата страна императорот Јустинијан кој ја даруватогаш црквата Света Софија.

Црква, џамија, музеј, па пак џамија

Храмот на Божјата мудрост, изграден од византискиот император Јустинијан помеѓу 532 и 537 година, бил претворен во џамија во 1453 година, кога Османлиите го зазеле Константинопол.

Со одлука на претседателот Мустафа Кемал Ататурк, „таткото“ на модерна Турција, во 1935 година стана музеј, а на иницијатива на сегашниот претседател Реџеп Таип Ердоган, во 2020 година беше вратен во статус на џамија.

Под заштита на УНЕСКО е од 1985 година, како еден од најзначајните примероци на светското културно наследство. (Политика)