АХВ за четири дена спровела 367 контроли, изречени 19 мерки

Агенцијата за храна и ветеринарство од 23 – 27 март годинава изврши 367 контроли и изрече 19 мерки.

Како што соопшти денеска претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашкоска, АХВ констатирала неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна, како и вработени без здравствен преглед за санитарна книшка по што тие се отстранети од објектот.

-АХВ издаде и четири решенија за месарници и маркети поради лоша хигиенска состојба. Наредено им е веднаш да спроведат дезинфекција, дезинсекција и дератизација, истакна Филиповска Грашкоска.

Според неа, од 23 – 27 март шесте инспекциски институции во земјава спровеле 7.633 надзори, од кои 928 надзори за цените на производите. Притоа, кај преку 60 е утврдено покачување на цената, особено на лимоните. Во сите овие случаи е соодветно постапено, а трговците ги вратиле цените како што биле на 11 март. Во однос на непочитување на владините препораки за заштита од корона вирусот, затворени се 22 угостителски објекта.