АХВ: Внимателно со храната, ако сметате дека е небезбедна, не ризикувајте – фрлете ја


Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со храна. Високите температури најавени неделава, како што наведуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив навреме не се преземат мерки за обезбедување доволно количини храна и вода за пиење.

Според АХВ, за да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и набавка, да се обезбедат соодветен транспорт и услови за чување. Храна треба да се купува од проверени места каде има услови производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, да се чуваат во разладни уреди. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната.

АХВ препорачува да се избегнува купувањето и консумирањето храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како месото, млекото, јајцата и други производи да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Треба да се одбегнува и купување разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето.

-За да се спречи расипување, разладената храна треба да се чува на температура пониска од пет степени целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени. Овошјето и зеленчукот пред консумација треба темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку по подготвувањето храната не се консумира веднаш, треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање. За да се спречи појава на труење со храна и на стомачни инфекции, неопходно е рацете да се мијат повеќе пати во текот на подготовката на храната. На најгорните полици во фрижидерот треба да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Да се води сметка храната да се заштити од инсекти и глодари кои храната може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува, препорачува АХВ.

Кога станува збор за консумирање храна во угостителските објекти, треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои се грижат за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација.

-Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично, се наведува во препораките кои може да се прочитаат на веб страницата на АХВ.