Ахмети задоволен од пописот, додаде уште некој процент Албанци


Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети,  е задоволен од пописот, а особено што од 260.606 нерезидентни жители  дури 66,36 отсто се етнички Албанци.

Во статус на Фејсбук, тој им честиташе на институциите за реализираната статистичка операција и посебно се задржа на застапеноста на албанската етничка заедница во неколку категории опфатени со пописот.

„Денеска Северна Македонија, по 20 години, има појасен увид во врска со целокупното население и процентот на заедници во државата. Албанците се 29,5 проценти во општата популација и 24,3 отсто во резидентно население, додека во градот Скопје 22,8 отсто (од 20,04 отсто во 2002 година). Им честитам на сите институции кои беа вклучени и помогнаа пописот, кој како процес почна во март минатата година, со регистрација на дијаспората, да заврши со успех“, напиша Ахмети.

Тој објави и табела според која ако од вкупно попишаните се издвојат лицата за кои податоците се земени од административни извори, односно оние кои не биле попишани на терен (станува збор за 132. 260 лица за кои не е утврдена етничка припадност или вероисповед), тогаш процентуалната застапеност на етничките Албанци би била 31,51 отсто, иако таа математика е многу спорна бидејќи Албанците не го бојкотираа пописот туку напротив, масовно се попишуваа, особено во дијаспората.