Ахмети за приштинска Т7: Насер Зибери треба да биде идниот премиер

Фото: Б. Грданоски

Косово– Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, во интервју за косовската телевизијата Т7 синоќа изјави дека по парламентарните избори во Северна Македонија, на кои неговата партија освои 15 пратенички мандати, иден премиер на земјата треба да биде Албанец, односно кандидатот на ДУИ Насер Зибери, јави дописникот на МИА од Приштина.

Гостувајќи преку видео–врска во емисијата „Пресинг“ на Т7, Ахмети порача дека „на хегемонистичките политики им дојде крајот и идејата за премиер Албанец ќе заживее мошне бргу“.

– Албанците имаат право исто колку и Македонците и сé додека премиер може да биде Македонец зошто не би бил и еден Албанец, рече Ахмети.

Одоговарајќи на новинарско прашање, лидерот на ДУИ рече дека се неосновани гласините оти неговите барања можат да доведат до дестабилизација на регионот и нагласи дека неговата партија ќе остане фактор на стабилноста.

Фото: Б. Грданоски

– ДУИ никако нема да дозволи да се направат чекори наназад од Преспанскиот договор, од договорот за добрососедство со Бугарија и од Охридскиот договор, нагласи Ахмети.

Тој информира дека веќе стапил во контакт со лидерите на останатите партии на Албанците кои ќе имаат пратеници во идното македонско Собрание, односно со Зијадин Сеља од Алијансата за Албанците, Биљал Касами од Беса и Мендух Тачи од Демократската партија на Албанците.

Цел на контактите, според Ахмети, била „да се заживее сонот за прв премиер Албанец во Северна Македонија“. За содржината на тие разговори лидерот на ДУИ информира единствено дека Сеља, како лидер на коалицијата која освои 12 пратенички места, му рекол оти ќе му одговори откако официјално ќе се потврдат резултатите од гласањето.