Ахмети: Ветингот да почне од судството


Инсистираме и ќе го реализираме ветингот во сите сфери на општествениот живот почнуваќи од судството, но и во сите државни институции, бидеќи ние само така ќе се бориме против корупцијата и екстремизмот. Со функционирањето на правната држава ќе бидеме поблиску до европските вредности, ќе станеме 30. членка на НАТО до крајот на годинава или почетокот на идната. Подготвени сме да се соочиме со сите предизвици кои ги има потот кон ЕУ – истакна лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска на изборно собрание на партијата во Кичево.

На настанот присуствувале повеќето членови на партиско раководство и други функционери на партијата, при што Ахмети се осврнал на сработеното во изминатите 18 години, за што, вели, ќе пишува историјата.
– Ние станавме свои на свое, го убивме стравот, ја вративме гордоста кај Албанците. Во иднина ќе работиме на подготвување нови генерации за ЕУ и НАТО – рече Ахмети.
Огранокот на ДУИ во Кичево доби денеска претседателка – дипломираната правничка Ардита Дани. Таа беше единствениот кандидат и доби едногласна поддршка од 110 делегати.
-Јас сум горда што ДУИ како партија им дава посебно место и значење на жените и девојките, бидеќи и ние знаеме да раководиме и создаваме големи вредности. Би сакала посебна порака да упатувам до младите на кои ќе продолжиме да им бидеме поткрепа за тие иднината да ја градат овде во родниот крај – рече Дани, која воедно е и координатор на советничката група на ДУИ во општина Кичево.
Градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари во обраќањето истакна дека ДУИ ќе биде успешна како партија и во наредниот период, како што беше во изминатите 18 години од формирањето.