Ахмети утре ќе одржи средба сам со себе да го слави Рамковниот договор


(Фото: Б. Грданоски)

Доколку утре навистина се одржи средба по повод годишнината од Охридскиот договор на неа ќе присуствува само лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и некој од неговите партиски соработници.

Откако Билал Касами во името на Беса вчера објави дека нема да учествува на оваа своевидна сеалбанска средба, денеска тоа го направија и лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши. Села на Фејсбук напиша дека тие начелно се согласуваат за ваква средба, но сакаат таа да се одржи од понеделник натаму и за неа да има определена агенда за разговор. Алијанса за Албанците смета дека политичкиот механизам на заедничка средба е важен политички инструмент за координирање на позициите на албанските парламентарни партии и како таков треба да продолжи да се култивира за артикулација на албанските интереси во Македонија.

„Во функција на содржината и плодна средба, би било убаво поканата да има друг предлог за дневен ред, за да можеме да имаме појасна причина за организирање на средбата на албанските парламентарни партии. Во оваа смисла, разгледајте ја можноста за друг датум, почнувајќи од понеделник, 17 август па натаму, секако со тоа што ќе известите неколку дена порано за агендата“, стои во заедничкото соопштение на Села и Гаши.

Одговор уште нема од лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Очигледно е дека оваа средба по повод 19-годишнината од Рамковниот договор требаше да биде во функција на политичко инструментализирање кога в петок претседателот на државата, Стево Пендаровски, треба да го додели мандатот за составување влада. СДСМ и ДУИ е се во комплицирани преговори како да изгледа новата влада, особено по барањето на „интегративците“ за премиер Албанец и зголемениот апетит на партијата на Ахмети за функции. Оваа средба требаше да им даде специфична тежина на овие барања на ДУИ. (Н.В.)