Ахмети смета дека е време за премиер Албанец


Фото: Б. Грданоски

Демократската унија за интеграција (ДУИ) одбележува 18 годишнина од оснoвањето, а по овој повод лидерот на партијата Али Ахмети посочува дека и натаму се најголем субјект на Албанците во земјата, наследник на ОНА и легитимен и апсолутен претставник на политичката волја на Албанците.

Ахмети во својата честитка по повод годишнината нагласува дека следна цел во политичката агенда на ДУИ е да го постави првиот Албанец премиер.

„18 години бевме заедно во секој предизвик со кој се соочивме, во безброј процеси за постигнување на потполна рамноправност, за целосна интеграција во НАТО и ЕУ, за подобрување на животниот стандард, за обезбедување на иднината на нашата младина и на сите нас“, нагласува Ахмети.

Тој посочува дека денес земјата е полноправна членка на НАТО и преговара со Европската Унија за полноправно членство, а Албанците имаат јазична рамноправност со три универзитети на албански јазик, со училишта, болници, градинки и институции.

„Раководевме како Албанци и граѓани на оваа држава со Собранието, Министертвото за Одбрана и за Внатрешни работи, Народниот правобранител и Државниот правобранител, Врховниот и Уставниот Суд, но сега дојде време за нешто поголемо“, нагласува Ахмети најавувајќи ги амбициите на партијата за прв Албанец кој ќе биде премиер на Северна Македонија.

„Оваа толку важна годишнина за сите нас, заедно да ја определиме нашата следна цел почнувајќи од следните избори и да ја реализираме определбата за да избереме ценета, почитувана и докажана личност, таа или тој кој што ќе го избереме заедно, за првиот Албанец премиер на земјава“, се вели во пораката на Ахмети.

Сепак, тој нагласува дека во моментов албанската политичка сцена е во период на раздор и ослабување на албанската политичка воља во многу партии кои, според него, предизвикуваат раздор и отцепувања.

„Секогаш повторувам дека не ни треба дефакторизација на албанскиот глас во толку многу партии и со локално, а не целосно застапување“, посочува лидерот на ДУИ во своето обраќање.

Демократската унија за интеграција е формирана на 5 мај 2002 година во Тетово, три месеци пред одржувањето на парламентарните избори во 2002 година од јадрото на Ослободителната Народна Армија (ОНА).