Ахмети сакал Заев да остане премиер до март


Заев треба да биде премиер бидејќи има големи работи за решавање. Надежите се дека на 14 декември ќе добиеме датум, а до март ќе се одржи првата меѓувладина конференција со која Македонија и Албанија ќе ги почнат пристапните преговори со Европската Унија, изјавил  за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не дозволувал Зоран Заев да поднесе оставка од премиерската функција. Заев, пак, решен е во декември да ја активира и премиерската оставка.

По средбата помеѓу Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, извесно е дека опозициската партија влегува во Владата и дека парламентарното мнозинство ќе брои најмалку 64 пратеници.Алтернатива бара три министерски функции, додека според информации од СДСМ, најверојатно партијата на Гаши ќе добие двајца министри. Допрва ќе се разговара за бројот на заменици-министри, како и за директорските места.

Функционерот од Алтернатива вели дека на средбата генералниот секретар на партијата Беким Сали, кој е стоматолог, добил начелна согласност да биде идниот министер за здравство, иако извори на „Алсат“ тврдат обратно. Алтернатива го барала и вицепремиерското столче на Љупчо Николовски, но ќе треба да се задоволи со уште една или со најмногу две министерски позиции, бидејќи објаснувањето било дека Николовски е успешен вицепремиер. Според информации од средбата, за другите ресори и за кадровската понуда допрва ќе се разговара, а отворени биле позициите во ресорите труд и социјала, информатичко општество, транспорт и врски, образование и земјоделие.

Зоран Заев и Африм Гаши ќе одржат уште една средба во текот на неделава пред да се официјализира владината соработка .