Ахмети: „Отворен Балкан“ е важен, ги приближува земјите кон ЕУ
Лидерот на партијата ДУИ, Али Ахмети, изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ е многу важен момент што ги приближува земјите кон Европската унија.
Во интервју за ABC News Albania, по повод одбивањето на Приштина да биде дел од тој процес, тој рече дека е потребен договор меѓу албанскиот и српскиот народ, пренесува Танјуг.
– Не велам дека е лесно, бидејќи Косово се уште ги брои исчезнатите. Не велам дека Албанија не смета дека Косово има сериозни рани. Потребен ни е договор помеѓу албанскиот и српскиот народ. Или, одлучете се за одмазда. Имаме два пата, трет нема – рече Ахмети.
Говорејќи за иницијативата „Отворен Балкан“, Ахмети рече дека станува збор за продолжение на Берлинскиот процес и дека е поддржана и од ЕУ и од САД и дека е важна бидејќи ги приближува земјите до европските вредности.
– Поединци од дијаспората ми рекоа дека сакаме повторно да ја создадеме Југославија. Ги прашав колку долго чекаат на граница кога ќе пристигнат, ми рекоа пет часа. Тогаш им реков дека оваа иницијатива не може да чека ниту една минута. Ако овој договор им штети на Албанците, можете да излезете од него – рече Ахмети.