Ахмети не знае колку милиони заработил зетот


Фото: Б. Грданоски

Како фирмата на зетот за ќерка на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, успеала да направи приход од 12 милиони евра и профит од 2,5 милиони во првата година од работењето? Ова беше едно од прашањата за лидерот на Демократската унија за интерграција (ДУИ) во интервјуто за „360 степени“ емитувано на МРТ 1. Одговорот на Ахмети покажа дека е тој е свесен дека зетот води бизнис, но се огради од конкретни податоци.

„Јас не ги знам конкретните податоци… Куштрим ми е зет, Ускана е моја ќерка. Но, обвинителството, судството, никој не е амнестиран, туку сите се еднакви пред законот. Јас не мислам дека Куштрим, зет ми, е сам, сигурно дека е со многу други компании. Јас не можам да му забранам никому од моето семејство да нема активности. Но, едно им ставив до знаење, пред законот се еднакви, како и секој граѓанин“изјави Али Ахмети за „360 степени“.

На забелешката на новинарот дека, сепак, мора да се согласи оти 12 милиони евра приход и 2,5 милиони евра профит се многу за прва година (нецела 2022 г.) на постоење на една фирма во Северна Македонија, Ахмети одговори дека фирмата не била само на зетот.

„Мислам дека се повеќе компании, не е целата компанија на Куштрим. И за повеќе детали може да истражувате…“,изјави Ахмети.

Проверка на податоците од Централниот регистар покажува дека зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај, во моментов е единствен сопственик на компанијата „К.С.А. Интернешнл“. Имал еден партнер кога ја основал фирмата во јануари 2022 година – Ерџан Сулкоски, но тој од пред еден месец не е косопственик на „К.С.А. Интернешнл“.

На прашањето до Али Ахмети – дали го знае Ерџан Сулкоски, тој одговори:

„Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со… како се викаше, Ерџан Сулкоски. Првпат слушам од вас. Не сум го чул ни како име…“.

Во продолжение на разговорот, на Ахмети му беа презентирани податоци дека Ерџан Сулкоски, додека бил партнер на зетот на Али Ахмети во фирмата „К.С.А. Интернешнл“, станал косопственик, а потоа и коуправител во фирмата „РКМ“ на Ратко Капушевски. Станува збор за компанија која лани го склучи најголемиот договор за набавка на мазут за потребите на државата и ја заврши годината со 110 милиони евра приходи, од кои 6,2 милиони евра профит. Прецизно, Сулкоски влегува во „РКМ“ по добивањето на големиот тендер, во август 2022 година.

На прашањето од Ахмети, дали го знае пратеникот Јахоски, кој би можел да му каже кој е Сулкоски, Ахмети одговори:

„Исмаил Јахоски го познавам, тој е пратеник на ДУИ. Ќе ги прашам, ме направивте љубопитен, навистина не го знам (Сулкоски н.з.)“.

Ерџан Сулкоски излегол од фирмата „К.С.А. Интернешнл“ во која бил косопственик и коуправител со зетот на Али Ахмети пред помалку од еден месец, поточно на 23 август 2023 година.

И фирмата на  Селаудин Арифи, таткото на свршеницата на синот на Ахмети Шкумбин, „А. С. Сењак“, на годишно ниво има обрт од по 5-6 милиони евра.  Ахмети притоа објасни дека фирмата на сватот е стара, а неговиот син сè уште не е во официјализирана врска.

„Во однос на Селаудин, тоа е стара компанија, уште пред прогласувањето на независноста, од 90-тите години. Не знам зошто се поврзува ова со сватовско прашање. Син ми и ќерката на Селаудин создале врска, но сè уште не е официјализирана. Син ми е архитект, има своја канцеларија…“, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Запрашан дополнително дека неговиот син и самостојно влегува во бизниси и тоа од областа на енергетиката, Ахмети потврди и објасни како Шкумбин ги спечалил парите за инвестирање.

„Да, и работел за швајцарска компанија околу 5-6 години. Тие добивки што ги имал со швајцарската компанија, кои се легални, може да се истражуваат од секоја државна институција и добивката што ја имал ја инвестирал во енергетика“, изјави Али Ахмети.