Ахмети на средби и со Мицкоски и со Заев


Лидерите на  ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на ДУИ, Али Ахмети, попладнево имале средба во парламентот. Средбата траела еден час, а двајцата разговарале за можностите за заедничка соработка и формирање на ново парламентарно мнозинство.

Во исто време портпаролот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, во интервју за ТВ21 информираше дека денеска имало средба и меѓу лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети. Тој вели дека средбата била конструктивна и надежна за успешен епилог, но не и одлучувачка. Прашан дали во игра останува барањето за премиер Албанец, Османи посочи дека не е коректно да се објавуваат преговарачките позиции.

„Ќе треба да почекаме, бидејќи не е коректно доколку сите наши позиции ги објавиме на маса. Денеска се разговараше за враќање на изгубената доверба во текот на изборната кампања, со цел да се создадат предуслови за поставување на маса на нашите позиции. Потребно е уште малку трпение. Ќе има средби и следниве денови“, рече Османи.

ДУИ, според него, не исклучува средби ниту со другите партии, а за можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ рече дека „не сака да одговара на хипотетички прашање“, истакнувајќи „државата во секој случај, нема да остане без влада“.

Паралелно, за Телевизија Сител Османи негираше дека Лазар Еленовски бил воопшто предмет на преговори околу премиерската функција.

„Апсолутно не е точна информацијата дека Лазар Еленовски ќе биде премиер. Ние си имавме кандидат за премиер на изборите и таквите шпекулации се со намера да им наштетат на ДУИ и на преговарачкиот процес за формирање на мнозинство“, рече Османи.

„Преговараме со сите партии за што побрзо формирање на влада и институции. Бараме јавноста да почека и ќе ги добие информациите од партиите кои се учеснички во формирањето на мнозинството, а тие информации ќе бидат навремени и официјални. ДУИ прави сериозни напори овие денови што е можно побрзо да се формираат институциите и јас сум оптимист сум дека брзо ќе дојдеме до решение“, изјави тој.

СДСМ, пак, преку соопштение попладнево потврди дека започнале сериозни и темелни преговори со претседатели и високи претставници на политички партии кои се дел од новиот собраниски состав, за нов четиригодишен полн мандат.

„Реформата ќе донесе ефикасно служење на потребите на граѓаните, но и промена со која обемот на администрацијата ќе се намали за 20 проценти. Предвиден е помал број министри и  рационализација на јавните служби, кои истовремено ќе обезбедуваат поголем број и побрзи услуги за граѓаните“, пишуваат од СДСМ.

Од таму велат дека администрацијата мора да им служи, а не да биде товар на граѓаните.

„Дел од реформата на администрацијата е укинувањето на патните трошоци за пратениците во Собранието, бидејќи покажа можност за злоупотреби и сериозно ја намали довербата на граѓаните во своите претставници“, додаваат од партијата.