Ахмети лут на Заев и на Мицкоски, пописот виси поради две точки


Само еден ден откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изрази згрозеност од случувањата поврзани со Специјалното јавно обвинителство и уште еднаш повтори оти ветингот за сите носители на јавни функции мора да биде задолжителен, членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, кој важи за близок на ДУИ, го одложи гласањето за разрешување на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Разочараноста во Мала Речица и барањата за неселективна правда доаѓаат истовремено кога нивниот советник во Охрид им пркоси на законите и свечено ја отвора својата дивоградба – пицерија, згрозувајќи го и статусот од УНЕСКО.

Всушност, емотивноста кај Ахмети е особено нагласена по „бомбите“ што од САД ги пука Ел Чека, а кои се однесуваат на активности на високи членови на партијата.

Мене ми е жал за прислушуваните разговори што се објавуваат за ДУИ. Јас не ги слушам тие разговори. Но како не се случи да се објават приватни разговори за членови на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, туку само за членови на ДУИ? Каде се другите разговори? Зошто се објавуваат приватни разговори само од членови на ДУИ? Мислам дека нашиот народ ‘не пасе трева’. Што направија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? Целиот процес го девалвираа. Дури и случајот ‘Рекет’. И ние со време ги опоменавме дека не сакаме селективна правда. Ние сакаме ветинг, правдата да важи за сите исто“, рече Ахмети.

Премиерот Зоран Заев вчера одговори оти не знае зошто Ел Чека објавува бомби само за Ахмети и за ДУИ. Рече дека да имал негов број – ќе му се јавел и ќе го праша, за потоа да му се закани дека ќе одговора затоа што емитува незаконски прислушувани разговори.

И тоа побрзај додека можеш, оти ти ветувам дека ќе одговараш“, посочи Заев.

Шекерим Амети, алијас Ел Чека, возврати оти премиерот е нервозен затоа што му пропаднал рекетарскиот бизнис со СЈО.

Ветингот ќе биде една од точките на кои ќе се разговара на лидерската средба в петок што ќе се одржи и покрај одбивањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да дојде на неа. Но не и клучна, затоа што пописот, законот за обвинителство и изборниот модел се приоритетните точки во разговорите меѓу Заев, Ахмети и Зијадин Села од Алијансата за Албанците. Првиот човек на „Илинденска“ вчера уште еднаш го повика Мицкоски, најавувајќи оти е подготвен да разговара и за предвремени парламентарни избори, но нагласи оти нема намера да исполнува нечии желби.

Не мора да се договориме за сите прашања, но мора да седнеме. Не можеме да бидеме нормална земја ако лидерите не седнат да разговараат за пописот, бидејќи тој не може да се одложи за уште десет години. Треба да седнеме и да ги заокружиме сите евентуални резерви што некои ги имаат за да го гарантираме успешниот процес на попис. Пописот ѝ треба на државата како леб, за економските параметри, за следна фаза на децентрализација, за рамномерната распределба по регионите, за секаков вид здравствени и образовни политики, не случајно на десет години цел свет прави попис. И не знам кој е аргументот да избегнете вакво прашање“, рече претседателот на СДСМ.

Според премиерот, Мицкоски бара да се разговара за предвремени избори, но прво треба да се договорат за Изборниот законик, за чие носење препораки даде и ОДИХР. Што се однесува до законот за јавно обвинителство, Заев нагласи оти тоа не е само негова обврска.

Сите ние што се залагаме за правна држава не можеме да оставиме да не се донесе законот за јавно обвинителство. Мицкоски вели дека ќе го направи пепел законот за ЈО. Зошто да го направи, затоа што води истраги за висока корупција на познати носители на функции во ВМРО-ДПМНЕ? За кој сака нека се однесува, законот мора еднакво да важи за сите“, смета Заев.

Но во ВМРО-ДПМНЕ и вчера останаа на ставот дека нивниот лидер нема зошто да седнува на маса со Заев, посочувајќи го случајот „Рекет“ кој, според нив, е класичен пример како функционирала спрегата меѓу Заев и СЈО.

Кики и Фрики од рекетарските приказни си се смеат од страна затоа што се високи функционери и соработници од доверба на Зоран Заев. Тие ги знаат неговите криминали и затоа во овој момент нема политички договор за нив да важи законот. Со Македонија раководи криминална банда и единствена точка за која што би разговарале со него се распуштање на парламентот, формирање техничка влада и организирање итни избори“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, нивните тимови и натаму работат на подготовка на новиот закон за обвинителство и во него ќе нема место за СЈО како посебна институција откако ќе престане мандатот во септември годинава Тоа е една од клучните точки на сопнување на власта, која, заедно со Брисел, бара СЈО да остане посебна институција со свој буџет и независност. Во ВМРО-ДПМНЕ уверуваат оти немало место за компромис кога е во прашање СЈО бидејќи тоа е компромитирано и не може да продолжи да опстојува, барем не во оваа форма.

Кога е во прашање пописот, и тука беа формирани работни групи на власта и на опозицијата, кои дури и се сретнаа пред неколку дена.

Средбата беше апсолутно неуспешна, ставовите ни се дијаметрално спротивни. Ние не можеме да прифатиме пописот да се врши по матични броеви, а не за резиденти како што е секаде на светот. Значи, треба да се попишат тие што имаат адреса на живеење во земјава, а не еден припадник на семејството да ги попише сите оние на кои што им го знае матичниот број, а тие со години и години да се отселени. Второ, бараме попишувачите да бидат во двојка и тоа Македонец и Албанец за да добиеме објективни бројки. Ако не дојде до договор, ние нема да учествуваме во таков попис и ќе порачаме да се бојкотира“, нагласуваат нашите извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, се уверени оти во најголемата опозициска партија намерно бараат закачки за да не се реализира пописот.

Пописот го договараме со Евростат, целокупната подготовка е професионална, транспарентна и по сите меѓународни стандарди. Го најавивме лани, годинава е спроведен пробен попис, кој помина над очекувањата. Жално е што од 2002 година не сме спровеле попис. ВМРО-ДПМНЕ нема никаков кредибилитет да зборува на таа тема, затоа што 11 години беа на власт, па не го организираа. Напротив, и оној што го започнаа, го прекинаа поради политички игри. Тие не можат да сфатат дека зборуваме за статистичка, а не за политичка операција“, возвраќаат на „Бихаќска“.

Горан Адамовски