Ахмети како Мартин Лутер Кинг, бара остварување на албанскиот сон


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги повика денес сите албански политички партии да се обединат пред изборите и со тоа да застанат зад албанската национална кауза, а тоа е целосна рамноправност на Албанците во Македонија, така што ќе овозможат да се оствари сонот да ја освојат последната недостижна функција досега – премиер на државата. Јас сејам, за вие да жнеете. Јас сонувам за вие да остварувате. Оваа идеја е поголема од секоја партија и секоја личност, рече Ахмети во говор кој личеше на копија на познатиот настап на Мартин Лутер Кинг.

„Сѐ има свој почеток, сѐ започнува со еден сон. Сите ние имаме свои сништа, за нашите деца, за нас, за земјата. Ние Албанците сонувавме за слобода, за рамноправност и се боревме овој сон да стане реалност. Кога веруваме во нешто, ние сме подготвени да жртвуваме сѐ.

Како Албанци, ние секогаш знаеме како да се обединиме за заедничките цели, кога тоа било важно и одлучувачки, за време на војната, за време на кризата и за време на нашите постојани напори за рамноправност и интеграција. Ова е причината зошто ние заедно постигнавме многу во нашата историја како Албанци во Северна Македонија.

Охридскиот договор се спроведува. Албанскиот јазик веќе има рамноправен и службен статус, исто како и нашето знаме. Преспанскиот договор е потпишан и Уставот е изменет. Ние сме полноправна членка на НАТО и преговараме за членство во Европската Унија.

Денес, повеќе од било кога, Албанците предводат раководни позиции во Врховниот и во Уставниот суд (иако претседателот на Уставниот суд самиот се декларира дека е Турчин – н.з.), министер за одбрана и заменик-министер за внатрешни работи,  заедно со клучни државни институции како претседателот на Собранието. Но, сепак, ова не е доволно. Сега е време сонот да продолжи. Време е за поголеми сништа, затоа што дојде време да постигнеме повеќе.

Северна Македонија е наша земја, за која сме се бореле. Ние имаме еднакво право во нејзината историја, наследство, економија и во иднината на нашата земја. Сега е време за потполна рамноправност, за преземање на одговорноста за раководење! Време е за првиот премиер Албанец во Северна Македонија!

Некои можат да ја наречат оваа идеја неостварлива. Некои можат и да се потсмеваат со нашата доверба во остварување на сонот на многу Албанци. Сепак, и тоа е добро. Кога некој ти го одрекува сонот, те поттикнува да работиш уште повеќе за да го оствариш.

Кога сонувавме за слободата во 2001 година, истата категорија на луѓе, исто така се потсмеваа и го кренаа белото знаме. И, ако само пред неколку години ќе им речевме дека ќе дојде време кога претседателот на Собранието ќе биде Албанец, многумина од нив немаше да поверуваат, како што не веруваат ниту денес.

Сигурно многу луѓе исто така немаше да веруваат дека албанскиот јазик ќе биде службен јазик или дека знамето слободно ќе се вее и дека ќе имаме три универзитета на албански јазик. Но ние, неколкумина од нас кои се осмелија да тежнеат кон остварување на соништата, знаевме дека ќе успееме. Ние ова го постигнавме заедно. Како што ќе го направиме тоа и сега.

Заедно, ние ќе ја напишеме историјата за да ја изградиме иднината. Заедно можеме да му покажеме на светот дека нашата земја навистина може да стане општество во кое сите можат да ги остварат нивните сништа и да се чуствуваат рамноправни. Во држава каде еден Албанец или Албанка може да стане премиер и да биде достoен предводник кој ќе гарантира доживотно партнерство со Соединетите Американски Држави и Европската Унија. Ова е тоа што сакам да им го овозможам на нашите деца и нашите внуци: Довербата дека ние можеме да постигнеме сѐ што сонуваме. И за ова, треба да се обединиме!

Оваа идеја е поголема од секоја партија и секоја личност. Ова идеја не се однесува на ДУИ и секако најмалку се однесува на мене лично. Јас сум тука за да му го продолжам животниот век на процесот, да го предводам концептот, да станам мост и да го трасирам патот создавајќи околности за остварување на сонот, а останува на вас да го спроведете. Јас сеам за вие да жнеете. Јас сонувам за вие да остварувате. Јас ќе бидам храбар за вие да го доживеете тоа. Кога сме заедно, сме посилни.

Ова е национална албанска кауза. Ова е нашиот национален сон. Сонот на целосна рамноправност, сонот на едно општество што зборовите ги спроведува во дела.

Првиот aлбански премиер ќе биде премиер на сите. Премиер на рамноправост: еднакви работни места, еднакви плати. Премиер на еднакви права и на неселективна правда. За Албанците и за сите. Првиот премиер Албанец ќе раководи нова генерација на политиката, претставувајќи еднакво општество и предводејќи ја Северна Македонија кон побогата иднина како земја членка на НАТО и на Европската Унија. Премиер кој обединува и ќе започне нова епоха не само во албанската историја, туку и во таа на Северна Македонија, дури и во Европската историја.

Сега е време. Време е да се обединиме, време е повторно да дејствуваме заедно. Ова е повик до сите албански партии и сите граѓани Албанци и други, за да ја поддржат нашата кауза, која е поголема од сите нас. Сега е време заедно да ја создадеме историјата. Не е само сон, ова е наша можност. Ова е наша можност да градиме ново општество во кое нашите деца ќе постигнат се што ќе сонуваат. Време е за првиот премиер Албанец во Северна Македонија. За нас, за нашите деца и за нацијата.

Не ја пропуштајте храброста да сонувате, не ги гасете вашите сништа, верувајте во себе и соништата ќе се остварат“, порача Ахмети.

По тригодишно коалицирање со СДСМ во Владата, а претходно и во владите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ ќе настапи самостојно на претстојните парламентарни избори, за кои повторно се најавува дека ќе се одржат на 5 јули, наместо првично планираниот термин – 12 април. СДСМ за овие избори влезе во сојузништво со опозициската Беса, што е прва коалиција за парламентарни избори меѓу партии од албанскиот и македонскиот политички блок. Претходно, СДСМ коалицираше со ДУИ на локалните избори во 2017 и на претседателските избори во 2019 година. Пред ланските претседателски избори, ДУИ го реактуелизира барање за консензуален претседателски кандидат, што Ахмети го промовираше во 2014 година, кога неговата партија не учествуваше на тогашните избори, затоа што не постигна договор со ВМРО-ДПМНЕ за заеднички кандидат за шеф на државата. Затоа, пак, на последните претседателски избори ДУИ застана зад кандидатот на СДСМ – сегашниот претседател Стево Пендаровски. (Н.В.)