Ахмети-Холштеин: Да не се доцни со конституирање на институциите


Изборниот процес бил демократски и во согласност со меѓународните стандарди, а сега се очекува конституирање на Собранието и на Владата што поскоро, заклучиле на денешната средба во Тетово претседателот на ДУИ, Али Ахмети и германската амбасадорка, Анке Холштеин.

-Предизвиците пред нас се големи, преговорите со Европската Унија, економското заздравување и соочувањето со пандемијата, но и остварувањето на изборните програми, затоа и консолидацијата на институциите не смее да доцни, стои во соопштението на ДУИ.

Ахмети, како што е посочено, на средбата се заложил за продолжување на блиското пријателство и соработка со Германија, изразувајќи голема благодарност за досегашниот придонес на Берлин за нашата земја и регионот.

Ахмети, како што велат од партијата, на средбата ги истакнал црвените линии на ДУИ и на Албанците,Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство, но и реформите за исполнување на европските стандарди и нашите изборни ветувања.