Ахмети: Гоце Делчев со кече на глава држел говор пред Албанците, тој ги обединувал луѓето, а не ги двоел


Нашите барања се легитимни, денеска Премиер, утре Претседател на државата: Али Ахмети

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вечерва рече дека Гоце Делчев соработувал со албански и македонски патриоти и дека не се кае за тоа што изјавил дека треба да се почитува неговата мисија, односно како што вели тој – делчевизмот, јави ТВ21.

„Со Гоце Делчев соработувале албански патриоти и заедно работеле со Македонците за да ги решаваат проблемите на сите граѓани. Затоа мојата порака за младите политичари во оваа држава ќе биде, така како што гледав на дебата, како прават обиди за хегемонија за едно цврство обединување меѓу тие двајца, само и само премиер да не биде Албанец“, изјави Ахмети на митинг кој беше одржан на Камениот мост во Скопје.

„Ако имаат малку почит за Гоце Делчев, нека разберат дека тој со кече на главата држел говори пред Албанците. Ако се наследници на Гоце Делчев оваа кандидатура треба да ги направи среќни. Ако се наследници на Гоце Делчев кој ги обединувал луѓето и не ги двоел. Ги молам сите да се присебни, затоа што Албанец премиер не само што ќе ја зајакне безбедноста и мирот, туку ќе ја подобри и економијата во земјата“, додаде Ахмети.

Тој говорот го почна со изјава дека одличните работи се прават чекор по чекор, како и дека Камениот мост во Скопје е симбол за поврзаноста на албанската страна со Македонците.

Придонесовме за многу важни случувања во земјата, како што е спроведувањето на Охридскиот договор, што не беше од корист само за Албанците, туку и за сите други заедници во земјата“, рече Ахмети. Тој исто така се осврна и на Договорот од Преспа кој овозможи да се реши проблемот со името и ја направи земјата рамноправна со другите.

Ахмети рече дека досега се остварени многу достигнувања за Албанците во Македонија и истакна дека кандидатурата на Зибери за прв премиер Албанец на Македонија не само што ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста на земјата, туку ќе има позитивно влијание врз економијата. Тоа го покажале и Албанците кои биле на чело на министерството за внатрешни работи, претседател на Собранието и други. Зборувајќи за предлогот на партијата Владата да предводи Зибери, Ахмети рече дека е ногу убеден дека успешно ќе се соочи со сите предизвици.

Денес ја бараме функцијата премиер, утре претседател на државата, затоа што ова е нашата земја, нашата држава и никој не може да ни ги негира овие права“, заклучи Ахмети.