Ахмети го повика ВМРО-ДПМНЕ да нема двојни стандарди, дење да е за ЕУ, а ноќе да гради други политики


 

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, денеска го повика ВМРО-ДПМНЕ да престане со двојните стандарди во врска со уставните измени порачувајќи дека секое задоцнување може да ни предизвика деградација во процесите и порази. 

Учествувајќи во дебатата на панелот„Патот до Преспа: научени лекции и перспективи“, во рамки на годинашниот Преспа форум дијалог што се одржува во Струга, Ахмети посочи дека  нема подобро решение од промената на Уставот и вметнување на бугарското малцинство во Уставот на Република Северна Македонија.

Тој ја окарактеризира како „исклучително достигнување“, определбата на политичките сили во државата за напредни процеси кон ЕУ, но забележа дека некои се декларативно на страната на ЕУ, а практично има и такви што тактизираат.

„Во оваа ситуација секое тактизирање, што во случајот го прави ВМРО-ДПМНЕ за дневно политички поени, не му служи ниту на ВМРО ДПМНЕ“, рече Ахмети.

Тој додаде дека не сака да прави споредби ВМРО-ДПМНЕ – Левица, бидејќи Левица со статутот и со програмата  јасно е определена и не ја крие својата идеолошка определба против.

„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде многу појасна да не води политика со двојни стандарди, дење сум за владеење на правото и зачленување на државата во Европската унија, сум за разрешување на проблемите со кои се соочуваме, а ноќе кокетира и гради политики кои не го фаворизираат решавањето на проблемите“, рече Ахмети.

Тој додаде дека бил „многу близок во третманот на овој проблем, како со бугарската страна така и со нашите сограѓани и политичките претставници на нашите сограѓани Македонци“.

„Подобро решение од промената на Уставот и вметнување во Уставот на Република Северна Македонија на бугарското малцинство, подобро решение немаме. Секое задоцнување, секој застој, може да ни предизвика деградација во процесите и порази, како што претрпевме пораз и одолговлекување, поради одолговлекувањето изгубивме многу време со Грција“, рече Ахмети.

Тој нагласи дека проблемот го гледа како решлив и верува дека има прогресивни сили во ВМРО правилно да го разберат и да изберат вистинскиот миг.

„Сега е моментот, сега е мигот, бидејќи во ноември треба да ја одржиме втората меѓувладина конференција со ЕУ, скринингот во ноември завршува заедно со Албанија и се надеваме дека ова ќе се случи бидејќи друга алтернатива немаме“, рече Ахмети, додавајќи дека за да имаме стабилен и безбеден Балкан, треба да направиме напредок во решавање на проблемите.

Тој зборуваше и за Македонија како модел за разрешување на проблемите, што му било  посочувано во многу од средбите кои ги имал со странски државници. 

Ваквиот успех, како што нагласи, дојде како резултат на комуникацијата и соработката заедно со меѓународната заедница, со ЕУ и САД кои се градители на мирот, но и со други земји кои со успех водат мировни политики во Европа како Германија, Франција, Велика Британија, Италија…, со кои сме имале одлична комуникација и соработка.

Ахмети рече дека државата си поставила цели кои што сака  да постигне, првата беше мирот, стабилноста и безбедноста на нашата држава, следната е нула спорови и проблеми со соседите бидејќи како што рече „инаку не можете да имате економски просперитет“, а потоа како да се приклучиме со државите со напредна демократија, а не со автократските држави. 

„Западниот Балкан нема алтернатива освен ЕУ и НАТО бидејќи ние сме сведоци дека тука се судираат и многу сабји од истокот и секое влијание освен сонцето ниту едно други не е полезно за нас. Не случајно високи кругови се заинтересирани Македонија да не биде мирна стабилна да се креира несигурност, а тоа може да има импликации и во државите со кои граничиме“, рече Ахмети.

Тој во дел од своето изгаљње се осврна и на неопходноста да се реши проблемот меѓу Косово и Србија, бидејќи како што реше „со вековни непријателства не може да се живее, и проблемите треба да се решаваат“, при што го посочи примерот меѓу Германија и Франција.

„Јас сум свесен дека за да се разрешат вака тешки проблеми треба волја од двете страни, но мислам дека и охрабрувањето и поддршката е клучна, но и Европа не може да биде мирна без разрешување на проблемите на Косово со Србија бидејќи немаме толку простор и не може да бидеме толку комотни“, рече Ахмети.  (М.Ј.)