Ахмети ги теши членовите: Ќе успееме


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, реагираше на објавеното ново парламентарно мнозинство од опозицијата и Беса, како и на пишувањата на медиумите дека за првпат по 18 години ДУИ оди во опозиција.

-Состојбата создадена со оставката на премиерот ја менаџираме преку интензивен контакт со сите партии, освен оние кои го негираат Охридскиот договор, Преспа, добрососедството, НАТО, Република Косово и Албанците.

Исто така, за актуелните случувања сум во контакт и координација со нашите стратешки партнери, Соединетите Американски Држави, НАТО и Европската Унија.
Нема да постапуваме ниту со емоции ниту во еуфорија.

Имам многу повици, наредби и поддршка од сите страни, ви благодарам и не можејќи да ви одговорам на сите, ви велам дека заедно ќе успееме, напиша Ахмети на Фејсбук.

Откако ДУИ се формираше како политичка организација по завршувањето на воениот конфликт во 2001 година, партијата предводена од некогашниот командант на ОНА Али Ахмети непречено е на власт до ден денес.Единствено, исклучок беше периодот од 2006 до 2008 година, кога ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски после парламентарните избори во 2006 година одлучи да формира влада со ДПА на Мендух Тачи, иако ДУИ имаше повеќе пратеници.Таквата ситуација создаде институционална и политичка криза, која во пресрет на следните предвремени парламентарни избори во 2008 година се реши со таканаречениот Мајски договор, кој предвидуваше следните влади да ги формираат победничките партии во македонскиот и во албанскиот блок.Ваквото правило важеше се до изборите во 2016 година, кога ДУИ одлучи да го прекрши Мајскиот договор и да формира влада со СДСМ, и покрај тоа што СДСМ во македонскиот блок имаше два пратеници помалку од ВМРО-ДПМНЕ.

Најновата разврска на политичката сцена, откако челниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, ААА и БЕСА најавија дека имаат ново парламентарно мнозинство, навестува дека ДУИ ќе замине во опозиција за првпат откако се врати на власт во 2008 година.