Ахмети: Договор со СДСМ уште нема, но одлуката ќе биде во корист на државата

Фото: Б. Грданоски

Наместо средба со лидерите на парламентарните партии од албанскиот блок на повикот на Али Ахмети денеска се одзваа само новинарите, па она што требаше да биде сеалбанска состанок за одбележување на Рамковниот договор се претвори во прес-конференција. Наспроти забелешките од неговите политички конкуренти дека повикот на Ахмети бил без конкетна агенда, лидерот на ДУИ одговори дека, всушност, било спротивното.

„Ги повикав албанските политички партии за да им се заблагодарам за заедничката соработка при донесувањето на Законот за јазици, уставните измени и друго. Сакав да ги слушам и нивните предлози и забелешки. Многу ми е жал што тие не дојдоа на денешната средба. Би сакал нивното недоаѓање да не го користат за политички цели. Во пресрет сме на донесување на големи одлуки“, оцени Ахмети.

Тој денеска ја отфрли можноста повторно да свика средба меѓу албанските политички лидери. „ДУИ ги покани, тие не дојдоа“, па сега, според него, тие што не дојдоа треба да го направат следниот чекор.

Во однос на преговорите со СДСМ за формирање на идната влада, Ахмети ги повтори ставите кои се веќе познати – дега договор уште нема и дека ќе се сретне со Заев денеска откако лидерот на СДСМ стана мандатар.

Според него, ДУИ е фактор на стабилност во државава и „ние сме свесни за нашата мисија, ДУИ никогаш нема да делува ниту со еуфорија ниту со притисок, туку ќе изнајдеме правилен пат за да ѝ служиме на државата и полесно да ги надминеме сите потешкотии со кои се соочуваме. Нашата партија не е невидлив непријател како што е Ковид-19. За секоја нова информација ќе ја информираме јавноста, но ДУИ делува и работи со ладна глава и со отворено срце. Секоја наша одлука ќе биде во корист на државата и на надминување на ситуацијата со корона кризата“, оцени Ахмети не наведувајќи каде се главните разлики со СДСМ околу формирањето на новата влада.