Ахмети денеска и утре ќе дава исказ пред Специјалнoто обвинителство за Косово


Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од денеска  наутро е на сослушување во Специјалното обвинителство за Косово, а од неговата политичка партија тврдат дека тој е повикан како сведок. Според последната информација сослушувањето почнало во 9.30 часот во просториите на ЕУЛЕКС во Приштина.

„Претпочитам да не одговарам пред државни микрофони на партиски прашања, но еве кратко, тој е повикан во својство на сведок“,одговори портпаролот на ДУИ, Бујар Османи. Ахмети треба да биде испрашуван во врска со војната на Косово.

Од специјалното обвинителство до конечното одобрување на обвинителниот акт во јавноста не споделуваат детали ниту пак се знае кој е обвинет, а кој сведок и тоа правило важи и за Ахмети.

Од кабинетот на Ахмети, минатата недела најавија дека Ахмети ќе одговара во Приштина, но Кристофер Бенет, портпарол на косовското Специјално обвинителство за Косово неодамна изјави дека во косовската престолнина немаат ниту седиште ниту претставништво, и дека судот и обвинителството се наоѓаат во Хаг, иако не ја исклучи можноста изјава да се зема и на друго место.

Ахмети пред изборите објави дека е поканет да сведочи затоа што бил дел од раководството на ОВК за време на војната со српските сили. Тој додаде дека ќе ги брани светлите цели на албанската ослободителна борба.