Ахмети бара избор на претседател и заменик претседател, Бујар Османи ќе „трча“ за ДУИ

Ахмети се стави на иста линија со барањата на Арбен Таравари кој вчера соопшти дека ќе се залага за три промени на Уставот


 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети имаше јавно обраќање денес во кое го најави, како што рече, најважниот референдум во Македонија – што го сумираше во реченицата „ Кажете НЕ на Русија, ДА на Европа!“

Тој ги повика граѓаните тогаш кога ќе се отвори Уставот заради Бугарите, да се внесе и измена со која граѓаните ќе  избираат претседател и заменик-претседател во Собранието со 2/3 од гласовите, односно со двојно мнозинство, според Бадентер.

Според него, шефот на дипломатијата Бујар Османи ја очекува оваа промена што ја бара ДУИ уште од политичките програми во 2016 и 2020 година, практично најавувајќи дека ДУИ него ќе го кандидира за претседател и во иднина ќе бара воведување функција заменик-претседател. Според Ахмети, отворањето на Уставот за ваков избор на претседател (веројатно по принцип Македонец и Албанец) ќе овозможи и усвојување на Договорот за добрососедство и продолжување на европската интеграција.

„Изборите кои се пред нас, парламентарните и претседателските, се од одлучувачка важност во ова битка. Затоа на овие избори одлучивме да побараме од вас да останеме заедно, да се построите со нас за реализација на нашето барање (од 2016 и 2020) за уставни измена и избор на претседателот и заменик претседател на државата во Собрание, вклучување на бугарската и другите заедници во Уставот и да и кажеме одлучно не на Русија и да на Европа. Пред Вас, давам одлучен завет дека ние нема да бидеме дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме и да ги победиме егзистенцијалните закани за нашата земја, порача Ахмети. 

Практично Ахмети се стави на иста линија со барањата на Арбен Таравари, кој вчера соопшти дека ќе се залага за три промени на Уставот: внесување на Бугарите, отстранување на „20 отсто“ за албанскиот јазик и претседателот да се бира во Собранието, а не преку директни избори. Таквите барања ги поддржа и Зијадин Села, што сугерира дека кавгите во албанскиот блок се лажни и дека сите стојат зад некаква иста „Приштинска платформа“.

Пораката е дека која и да е македонска политичка партија ако сака да направи коалициска влада ќе мора да се соочи со истите барања од албанските партии, освен ако не се направи голема коалиција без нив во неа. 

По смешната функција прв вицепремиер, ова е уште еден упад во политичкиот систем кој од Македонија прави Босна. Изјавата е збунувачка и поради фактот дека таа доаѓа во време кога веќе се закажани претседателски избори во Македонија, па само се сведува на политичка пропаганда во трката кај албанските партии кој повеќе ќе побара за „албанската кауза“. 

Инаку Бујар Османи е седми пертседателски кандидат што ќе учествува на изборите, покрај Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Арбен Таравари, Стевчо Јакимовски, Вело Марковски, Билјана Ванковска, а се очекува вечерва свој кандидат да објави и ЗНАМ и тоа да биде Максим Димитриевски. Досега најмногу претседателски кандидати на избори имаше во 2009 кога беа пријавени седум кандидати. На првите директни претседателски избори во 1994-та имаше само двајца кандидати, додека на последните во 2019 имаше тројца кандидати од кои двајца (претседателот Пендаровски и Силјановска) повторно ќе се кандидираат на овие избори.