Агент од тајната служба уценувал бизнисмен, полицијата го уапси


Еден агент на Агенција за национална безбедност попладнево е уапсен откако ја искористил својата позиција да уценува скопски бизнисмен и од него да изнудува пари, наведувајќи дека била отворена истрага, а тој заедно со уште едно друго лице за 5 илјади евра можеле да го затворат случајот. Има малку детали за акцијата што ја попладнево ја спроведе полицијата по налог на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Второто лице кое е уапсено има кривично досие.

Спред скудните информации што ги објавија медиумите, бизнисменот бил уценуван со истрага која всушност не постоела. Тој тоа го пријавил во полиција, по што била подготвена акција за апсење на изнудувачите. Бизнисменот добил форензичко одбележани пари кои во ресторан во Скопје му ги предал на второто лице коешто било во спрега со агентот на АНБ. Уценувачот бил уапсен на лице место.

Телма објави дека уапсениот кој ги преземал парите од уценуваниот бизнисмен е обвинет и амнестиран за упадот во Собранието на 27 април. Уапсениот имал и повеќе други кривични дела. Тој ја искористил амнестијата за крвавиот четврток заедно со организаторите на протестите, пратениците и собраниските службеници кои беа ослободени од кривична одговорност за крвавите инциденти во парламентот, бидејќи не беа директни учесници во насилствата. Припадникот на АНБ бил вработен во агенцијата во септември 2019, кога новата агенција ја замени претходната УБК.