Агенцијата за разузнавање се прочистува под контрола на НАТО


По шест години Агенцијата за разузнавање ги обнови оперативните врски со трите најголеми разузнавачки сервиси во светот. Тие ја прекинаа соработката со нашата Агенција за разузнавање во 2014 година, кога Наќе Чулев беше нејзин директор

 

Двајца разузнавачи кои беа луѓе од голема довберба на претходниот претседател на државата и на претходната владејачка гарнитура веќе не се припадници на Агенцијата за разузнавање. Тоа го соопшти претседателот на државата, Стево Пендаровски, во интервјуто за емисијата „360 степени“ на Алсат.

Тој изјави дека причината за отстранувањето на овие лица не се судските процедури во кои се опфатени, туку затоа што не добиле безбедносен сретификат за да можат да продолжат да работат во агенцијата. Контролата на луѓето што работат во Агенцијата за разузнавање стана многу поостра откако Македонија стана членка на НАТО.

Безбедносните сертификати ги издава нашата Агенција за национална безбедност, која работи засилена со луѓе од НАТО, објави Пендаровски. За да може да се влезе во колективната безбедносна мрежа на Алијансата потребно е големо прочистување на разузнавачко-безбедносните структури. Сето тоа се одвива под будното око на НАТО, кое уште пред официјалното членство на државава испраќаше свои мисии преку кои го надгледуваше имплементирањето на безбедносните стандарди кои беа наложени од алијансата.

Неколкумина членови на Агенцијата за разузнавање во последниве година-две се дел од судски процеси: Кирил Тордоровски (поранешниот шеф на кабинетот на ексминистерската за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, кој по промената на власта брзо беше префрлен во Агенцијата за разузнавање со помош на тогашниот претседател Ѓорге Иванов), Мунир Пепиќ (осуден на 15 години затвор за упадот во Собранието на 27 април) и контроверзниот советник на Ѓорге Иванов за безбедност, Синиша Алексовски. Тодоровски и Пепиќ се опфатени во процесот „Титаник“ за тешки изборни нерегуларности. Синиша Алексовски во многу наврати се споменуваше како активен учесник во настаните што се одвиваа на 27 април и обидот за преземање на Собранието од страна на гневната толпа.

Стево Пендаровски не објави кои се тие двајца разузнавачи на кои им престанал ангажманот во Агенцијата за разузнавање. Но соопшти дека таму се подготвува нов закон за работата на Агенцијата за разузнавање, кој ќе биде пуштен во собраниска процедува веднаш штом биде избран новиот парламент и во кого, според препораките на НАТО, никој нема да може да биде вработен на кое било место ако нема безбедносен сретификат.

Објаснувајќи дека Агенцијата за разузнавање ја стабилизирала својата работа по именувањето на Еролд Муслиу за нејзин директор и за тоа добива пофалби од партнерските разузнавачки агенции. „Последниве неколку месеци ние ја обновивме соработката на комплетно оперативно ниво со трите најголеми разузнавачки сервиси во светот. Не само поради Еролд Муслиу, туку поради тоа што тие разбраа дека Агенцијата за разузнавање не е партиски сервис на партијата на власт“, рече Пендаровски.

Прекинот на соработката на македонската Агенција за разузнавање со големите странски служби траеше долго, од 2014 година. Тој прекин се случи една година откако сегашниов технички министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, беше поставен за директор на Агенцијата во 2013 година од страна на Ѓорге Иванов. Големите странски разузнавачки сервиси за тоа време ја исклучија македонската разузнавачка заедница од сензитивни информации, плашејќи се дека тие можат да протечат до „непријателски“ агенции. (Н.В.)