Агенцијата за филм го прекина финансирањето на филмовите на режисерот Манчевски


Агенцијата за филм соопшти дека поднела кривична пријава против продукцијата „Банана филм“ на режисерот Милчо Манчевски. Од Агенцијата соопштија дека пријавата е поднесена по претходно донесена одлука од Управниот одбор.

„Оваа одлука се донесе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело – поднесена официјална изјава со невистинита содржина, а се темели на докази поврзани со фактичката состојба на проектите ‘Мајки’, ‘Врба’, „Кајмак’ и ‘Биста’.

Согласно горенаведеното, Управниот одбор на Агенцијата за филм донесе одлука со која го задолжи директорот на Агенцијата да донесе решение за прекин на постапување и финансирање по проектите ‘Кајмак’ и ‘Биста’ на истиот продуцент, сè до правосилно решавање на претходното прашање“, соопшти Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.

Од Агенцијата појаснуваат дека по извршениот инспекциски надзор од Министерството за култура за проектите „Мајки“и ‘„Врба“, овластениот инспектор доставил информација и докази со предлог за проверка и постапување по истите проекти до Управата за финансиска полиција.

„Утврдено е постоење на недоследности во однос на доставување на финални извештаи за проектот ‘Мајки’. При тоа за проектот ‘Мајки’, продукцијата до денес не доставила финален извештај за потрошени 55.000.000 денари како и за сите други дополнителни средства потрошени за реализација на овој проект.

Што се однесува до проектот ‘Врба’, во процес е проверка на фактот – пренос на повисоки износи на средства доделени на сметка на правно лице во странство, која што припаѓа на сопственикот на продукцијата ‘Банана Филм’ – Скопје“, соопшти Агенцијата за филм.

Од Агенцијата велат дека сите постапки што ги иницирале немаат намера да ја блокираат работата на кој било автор, вклучително и сопственикот на продукцијата „Банана Филм“ – Скопје.

„Единствена цел е да се утврди дали постоело незаконското работење како и заштита на буџетските средства на Република Северна Македонија“, соопшти Агенцијата за филм.