Агенцијата на ЕУ за судска соработка формира центар за поддршка на истрагата за злосторствата во агресијата во Украина


 

Агенцијата на Европската унија за судска соработка денеска соопшти дека формира центар за поддршка на собирањето докази за злосторствата во агресијата во Украина.

Основањето на Центарот, Агенцијата на ЕУ за судска соработка го најави ден пред првата годишнина од руската инвазија на Украина, кога сè почести се повиците за процесуирање на одговорните за злосторствата во Украина и за агресијата врз таа земја.

Новиот центар, кој треба да започне со работа до летото, „ќе ги поддржи и унапреди истрагите за злосторствата со обезбедување клучни докази и овозможување на изградба на случаи во најраната можна фаза“, наведе Агенцијата на ЕУ за судска соработка.

Притисокот за формирање специјален трибунал за судење на руските лидери за злосторството – агресијата е се поголем, но не е јасно кога и каде би можеле да се одржат такви процеси. Меѓународниот кривичен суд, кој ја води истрагата во Украина, не е надлежен за тоа.

Претставничката на Украина во Агенцијата на ЕУ за судска соработка, Мирослава Красноборова, изјави дека Украина е „цврсто убедена дека напорите за утврдување одговорност треба да вклучат и кривично гонење на лидерот на Русија за злосторството – агресијата“ и додаде дека „неказнувањето за тоа најтешко меѓународно злосторство не би требало да биде прифатено“.

Красноборова рече дека украинските власти, кои го истражуваат злосторството – агресијата, регистрирале повеќе од 71.000 можни воени злосторства од почетокот на рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година. Таа додаде дека 99 предмети се препратени до судовите и дека се изречени 26 пресуди.

Агенцијата на ЕУ за судска соработка денеска соопшти дека и официјално отворила дигитална база на податоци за доказите за воени и други злосторства извршени во Украина.