Агенција „Марили“ ги додели наградите на најуспешните жени менаџери од земјава и од регионот


Агенција „Марили“ по 27-ми пат ги награди најуспешните жени менаџери од земјава и регионот на кои им беа доделени статуетки „Жена водилка“ на 10 најуспешни жени менаџери.

На отворањето на манифестацијата, генералната менаџерка на агенција Марили, Лидија Трипуноска истакна дека успесите на менаџерките не се значајни само за нивните компании и за нивните семејства, туку и за општествата, нашето и од земјите од регионот, бидејќи тие се двигатели на економијата, но и позитивен пример за младите генерации кои мора да ги охрабриме и убедиме дека и на овие простори може да гради, да се создава и да се испишуваат успешни бизнис приказни.

Годинава манифестацијата ја одбележа и хуманитарниот дух на членките на „Марили Бизнис Клуб“ (МБК) кои донираа 500 тестови за апаратот „Афиас – 6“ за безболни крвни анализи, а истиот за МБК го отстапи членката на Клубот, Наташа Блажевска од Л&Н&Т Диагностик. Апаратот е донација за ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата во Козле. По повод донацијата, на манифестацијата присуствуаа организацискиот директор на болницата, м-р Тахир Таири, како и д-р Мирјана Поповска, лекар специјалист педијатар којашто им се обрати и им се заблагодари на членките на Клубот и на присутните.

На свеченото отворање се обрати и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која рече ги поздрави учесничките  на 27 – та по ред манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“.

– На почетокот сакам на сите присутни жени лидери од земјава и од регионот да им посакам топло добредојде и да ви честитам за вашата храброст и одлучност што се вклучивте во светот на претприемништвото каде се создаваат иновативни, успешни компании. Преку вашите проекти го креирате вашето место во деловниот свет, претставувате сила со која сите се гордееме не само во нашата земја, туку и во регионот. Покажавте и докажавте дека ги поместувате границите, правите лични, општествени, економски промени – рече Лукаревска.

Таа смета дека на светот, на нашата земја, на регионот му се потребни силни, успешни, жени лидери во сите дејности.

– Како претставнички на бизнис секторот и во време на специфични услови за водење на бизнис докажаме заедно дека со стабилни стратегии, мерки успеавме да ги пребродиме предизвиците со кои се соочи цел свет – рече Лукаревска.

Според нејзиното искуство од посетите на компаниите и во разговорите многу пооптимистични и поприлагодливи на тековните движења се жените за разлика од мажите. Пофлексибилни се, не се корумпирани, емпатични се и мошне прилагодливи. Тоа го покажаа и во пандемијата, за бизнисите кои создаваа добри производи и нудеа квалитетни услуги, немаше граници, ниту пречки.

– Ниту еден човек не може да стане голем лидер ако сѐ прави сам. На сите ни се потребни луѓе кои ќе ни помогнат да имаме успешни фирми и институции кои се сервис на граѓаните. И јас во мојот тим имам близу 1.000 вработени, и повеќе од половина од вработените се жени, а дури 90 жени се на раководни позиции во Управата за јавни приходи или 50 % од пополнетите раководни позиции се менаџираат од жени. Целиот тим во мојот кабинет е составен од жени кои несебично придонесуваат заеднички да постигнуваме резултати да ја развиваме институцијата – рече таа.

Годинава, добитнички на статуетка се:

1. Драгица Устапетрова Атанасова – генерален менаџер „Импера Плус Инженеринг“ Скопје

2. Наташа Денковска Бојковски – генерален менаџер на „Бучен Козјак“ – Куманово

3. Јасминка Вангелова – генерален менаџер на „Интерфуд вендинг кафемати“- Скопје

4. Ангела Јолакоска – финансов менаџер „АСП-ПАК“ – Охрид

5. Маја Станковска Костова – генерален менаџер на Кроациа Осигурување Живот – Скопје

6. Марија Костуранова – генерален менаџер на „Диоптра оптикс“, Скопје

7. Маја Кузмановска – генерален директор на „Бизнис Академија Смилевски“ – БАС

8. Весна Чемерска Попова – генерален менаџер „Фуџи Дент“, Кавадарци

9. Аракси Микаелијан – генерален менаџер „Инфо Тим Логистика“ , Војводина, Р. Србија

10. Санија Мурати – директор на НВО „Лејди“, Р. Косово и директор на Balkan Women Association

Изборот на најуспешните е направен според веќе воспоставените критериуми. Избрани се менаџерки од успешни компании од приватниот сектор од различни области и дејности од целата држава и до регионот, почитувани се препораките од деловните колеги и соработници, како и личната согласност на секоја менаџерка да биде дел од овој избор.