Агелер: Уставните измени треба да се усвојат

Амбасадорката нагласи дека е запозната со партиски ставови на пратениците, дека тие имаат гласачи и дека тие се одговорни кон нив, но смета дека „ова е во најдобар интерес на Северна Македонија“


 

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, денеска од Гостивар порача дека уставните измени треба да се усвојат за земјава да се придвижи напред.

Според неа, пратениците треба да гласаат за да има напредок.

„Знам дека е тешко, но треба да се усвојат уставните измени што знам дека не е баш омилен и популарен чекор, но е неопходен за чекор напред. Пратениците треба да гласаат за уставните промени за државата да може да се придвижи напред со дискусиите и процесот за интеграција и пристапување кон ЕУ. Според мене, тоа е клучно, бидејќи таму лежи успешната иднина на оваа земја“, рече Агелер, одговорајќи на прашања на панел дискусијата „Ајде да зборуваме за предизвиците и иднината на Северна Македонија“ што се одржа во Ценатрот за млади во заедницата (YCC).

Амбасадорката нагласи дека е запозната со партиски ставови на пратениците, дека тие имаат гласачи и дека тие се одговорни кон нив, но смета дека „ова е во најдобар интерес на Северна Македонија“ и на тоа мисли кога ја спомнува „тешката одлука“.

„И затоа, засега тоа е предизвик, верувам дека ако се донесе таа одлука и дека пратениците треба да гласаат за да може да има напредок“, истакна Агелер откако еден од учесниците на панелот во врска со македонските евроинтеграции, праша на кои „тешки одлуки“ мисли амбасадорката кога посочува дека треба да ги донесат нашите политичари. Таа подвлече дека тешката одлука сега е да се направи потребниот избор за земјава да се придвижи кон ЕУ.

Таа зборуваше и за можните санкции од САД за одредени лица во Македонија порачувајќи дека тие ќе ги натераат избраните функционери, наставниците и здравствените работници да постапуваат правилно, како и да си ја вршат работата со интегритет.

„Заканата од ставањето на ‘црна листа‚ ќе ги натера избраните функционери, функционерите во министерствата во оваа земја, наставниците, здравствените работници да постапуваат правилно, да си ја вршат работата со интегритет, бидејќи ако не го прават тоа така, може да се соочат со последици. Ние се надеваме дека санкциите носат чувство на одговорност и последици. И се надевам дека тоа ќе се всади во свеста на заедниците во оваа земја. Исто така, граѓаните го бараат тоа од оние што работат за нив, бидејќи, освен кога станува збор за бизнисмените, ние зборуваме за административни службеници, луѓе како мене, кои се ангажирани да работат за својата земја и да го прават она што е во најдобар интерес на државата, а не за лични интереси“, потенцира Агелер.