Потребна е поголема политичка волја и лидерство во борбата против корупцијата, вели Агелер


Потребна е голема промена во политичката волја за поголем напредок во борбата против корупцијата, за подобра иднина за граѓаните во Северна Македонија и во целиот регион, иднина темелена на западните и европските стандарди вредности и норми. Граѓаните заслужуваат да имаат институции кои работат за нив и да имаат иднина во која владее правото, порача денеска амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, на Форумот на жени – лидери за добро владеење и антикорупција во Скопје.

Во Северна Македонија и во регионот, додаде таа, сега повеќе од било кога ни е потребно силно искрено лидерство за борба против корупцијата и промовирање на доброто управување. 

-Потребна е голема промена во политичката волја, напредокот во антикоруцијата не е доволно голем во земјата и во Западниот Балкан. Секој од нас кој е тука мора да биде дел од промената. Доказите се јасни, повисоко ниво на учество на жените во управувањето и во донесување на одлуки води кон помирна и постабилна демократија. Зголемување на политичката ангажираност на жените ги намалува шансите за конфликти, нагласи американската амбасадорка.

Според неа, не е доволно само да се биде присутен и оти е потребно поголемо учество, ангажирање и лидерство. Лидерството, нагласи, не е „само да се седи на масата, туку да се седи на чело на масата“. Ние, вели Агелер, мора да престанеме да мислиме само на тоа да се вклучат жените во разговорите, туку тие може и треба да ги водат.

-САД имаат инвестирано многу во доброто управување и борбата против корупцијата во Западен Балкан. Тие инвестиции ги направивме не само да им помогнеме на земјата и нејзините соседи да ги постигнат нивните цели во однос на постигнување на успех и просперитет, туку затоа што тоа е и наш најдобар интерес. Повратот на инвестицијата не беше досега висок, но САД ќе остане ваш партнер и сојузник во креирање подобра иднина за граѓаните на овој регион, иднина темелена на западните и европските стандарди вредности и норми, истакна американската амбасадорка Агелер.

Граѓаните, додаде таа во обраќањето, заслужуваат да имаат институции кои работат за нив и да имаат иднина во која владее правото.