Агелер на средба со Африм Гаши, дали ја заобиколува Сиљановска?


Фото: Б. Грданоски

 

Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер денес ќе има средба со новиот спикер на Собранието Африм Гаши. Според најавите Гаши ќе се сретне и со грчката амбасадорка Софија Филипиду, која сѐ уште не била на средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од разбирлива причина, откако го напушти инагуративниот говор во Собранието.

И додека за грчката амбасадорка е јасно што се случува, не е јасно зошто меѓу средбите со 11 странски амбасадори во земјава и неколку преставници на меѓународни институции, поглавари на верски заедници, па и преставници на универзитети, таа сѐ уште немаше средба со амбасадорката на САД во Македонија. Испаѓа дека освен што ја налути Филипиду, Сиљановска ја налути и Агелер и веројатно не со ставот кон уставното име и Преспанскиот договор. 

Според она што може да се види од архивите, Агелер ѝ го честиташе меѓу првите изборот на Сиљановска на функцијата  нарекувајќи го „историски“, како прва жена претседател, при што најави дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат евроинтеграцијата на земјата. Сиљановска ѝ возврати со пораката дека „со нетрпение очекува  да го обноват духот на македонско-американските односи, проширување на рамката на нашето стратешко партнерство и соработка, како во евроатлантската димензија, така и на билатерален план“.

По инагуративниот говор грчките медиуми пишуваа дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен имал веќе напишано писмо со честитка до Сиљановска, но го задржал во фиока и место него официјално дојде честитка од Џејмс О’Брајен, помошник-државен секретар за Европа. Што се случи во меѓувреме? 

Освен поигрувањето со Преспанскиот договор, за кој американскиот претседател Џо Бајден има и извршна наредба дека ќе го штити со санкции од тие што го загрозуваат, Сиљановска имаше и недипломатска порака во инагуративниот говор дека роденденот „нема да верувате, го поминав со амбасадорката на САД, исто така во еден женски разговор“, со која сакаше да прати порака дека ВМРО-ДПМНЕ е посакуван партнер за САД, а не како што очекуваше јавноста.

Секако останува и можноста Сиљановска да не сака да се види со Агелер откако ги виде реакциите за Преспанскиот договор, а нема што поубедливо да каже од тоа дека ќе го почитува но нема да го применува во настапите. Но, тешко дека е така откако заедно славеле роденден и откако му даде приватна нота на тој настан.     

Од кабинетот на Сиљановска порачаа дека „планот за средби на претседателката со преставници на странски земји и дипломати се прави согласно можностите и агендата на претседателката и на амбасадоприте и другите дипломати“. (Н.В.)