Агелер: Ќе ги соочиме со одговорност сите корумпирани, без оглед на позициите и политичката припадност

Корупција во било која форма во Македонија нема да се толерира и ќе има мерки, додека сите не сфатат дека има последици од коруптивното однесување


 

Американската амбасадорка Анџела Агелер порача денес дека ставањето на Орце Камчев на таканаречената црна листа на Министерството за финансии на САД е уште еден показател дека САД ќе ги употребат сите алатки за да ги соочат со одговорност сите оние кои се вклучени во коруптивни активности – без разлика на нивните позиции, политичка припадност и времето на злоупотребите. Таа најави уште такви одлуки, но не можеше да прецизира кога, колку и за кого.

„Злоупотребата на законите, на функциите, перењето пари, поткупот и другите активности во кои учествувал Камчев го поткопаа судскиот систем и во исто време се значајно предавство на народот на оваа земја“, порача Агелер.

Таа не можеше да прецизира што ќе значи поконкретно ставањето на Камчев на црната листа за неговата болница „Аџибаден Систина“ и за оние кои работат со него, но порача дека одлуката ги погодува и тие кои работат со него во тие активности, уште повеќе што имотите му се замрзнати.

„Голем дел од меѓународното банкарство оди преку големите банки во САД, така што импликациите се значителни“, порача Агелер. 

Таа нагласи дека ставањето на црната листа има големи финансиски и имотни последици за Камчев, но дека САД не можат да дојдат тука и да апсат, така што следните чекори ќе зависат исклучиво од нашите надлежни органи, со јасна порака притоа – дека корупција во било која форма во нашата држава нема да се толерира и дека ќе има мерки, додека сите не сфатат дека има последици од коруптивното однесување. 

„За Македонија да ги надмине предизвициите кои се пред неа, корупцијата не смее туку така да минува. Одговорните мора да одговараат. Не можам да кажам која личност би била следна. Ова е многу сериозно назначување. Има повеќе личности и организации кои во секој момент се разгледуваат“, објасни Агелер.

Околу дилемата како Камчев се најде на црната листа кога бил соработник на правдата во случајот „Рекет“ (каде што повеќе местеше за свои интереси отколку што работеше за правда) Агелер рече дека одлуките некој да се стави на црна листа не се ни лични ни политички, дека немаат ништо со самата личност, туку со криминалните активности што се откриени. Тоа што имал јавна улога не ја менува одлуката, рече таа, додавајќи дека за САД ова е прашање целосно поврзано со законитоста. 

Запрашана како САД нашле докази за корупција кај градоначалникот Рамиз Мерко, а кај нас паѓаат случаите против него, Агелер рече дека не е нејзина улога да им кажува на нашите институции што треба да следи, но фактот дека во Амбасадата нашле доволно докази за неговата корупција значи дека тие докази се достапни, или во превод – да сакаат, лесно можат да ги најдат и нашите институции. Таа, исто така, порача дека не е американскиот амбасадор тој што треба да каже дали Мерко треба да остане градоначалник и натаму, но дека неговото ставање на црната листа им дава можност на медиумите и на јавноста да извршат влијание и притисок. 

На министерот за правда Кренал Лога му беше мило што бизнисменот Орце Камчев се најде на „црната листа“ на САД. Според него, Камчев не бил соработник на правдата туку „еден од главните спонзори за уништување на Специјалното јавно обвинителство“, но и за многу други проблеми што се случувале во државата.

„Она што му се случи на  Камчев беше очекувано, но правосудните органи во Македонија не го гледаат тоа. Камчев е еден од главните спонзори за уништување на СЈО и неговото име се поврзува со многу други проблеми во државата денес. Мило ми е што се најде на ‘црната листа’ на САД, но многу ми е жал за судскиот систем во Македонија, не го видоа и продолжуваат да не го гледаат на начин на кој очекува обичниот граѓанин“, изјави Лога при денешната посета на Боговиње.  (С.Ј.)