Африканските земји купуваат „ковид органик“ како лек против корона вирус


Се повеќе земји од африканскиот континент заинтересирани се за купување на билниот напиток „ковид органик“ кој неодамна го промовираше претседателот на Мадагаскар, Еднру Раџоелин, тврдејќи дека тоа е природен лек со кој се лечи корона вирусот, иако не постојат докази за тоа.

Претседателот на Танзанија најави дека ќе прати авион до Мадагаскар за да го донесе напитокот, а истото го најави и претседателот на Конго, а некои земји како Гвинеа Бисао веќе го набавија, пренесе Би-би-си.

Се работи за горчлив напиток, направен од артемисија (вид пелин), горчлив корен кој се одгледува на Мадагаскар и се користи во некои лекови против маларија.

Лекот го направи Институтот за применети истражувања кој повеќе од 30 години ја истражува употребата на традиционалните лекови на Мадагаскар.

Билниот напиток не е научно тестиран и нема докази дека делува против ковид-19.