Африка не е ѓубриште! – Франција сака да го забрани извозот на користена облека од ЕУ


Франција предлага да се воведе забрана за извоз на користена облека во Европската унија бидејќи предизвикува загадување во земјите увозници, потврди денеска Министерството за заштита на животната средина, во време кога европските влади се обидуваат да најдат решение за растечкиот проблем со текстилниот отпад.

Податоците на ОН покажуваат дека извозот на користен текстил од ЕУ во 2022 година достигна 1,4 милиони метрички тони, што е повеќе од двојно во споредба со 2000 година.

Искористената облека може да предизвика загадување во африканските земји, каде стоката што не може да се препродаде завршува на депониите.

 

Европската комисија наведува дека ЕУ годишно произведува 5,2 милиони тони отпад од облека и обувки.

Предлогот на Франција е поддржан од Шведска и Данска, а за него ќе се расправа на состанокот на Советот за животна средина во Брисел на 25 март. Франција е многу критична кон т.н брза мода и прекумерен консумеризам.

„Африка повеќе не може да биде корпа за ѓубре за брза мода. Мораме да го намалиме отпадот и да управуваме со сопствениот отпад“, соопшти француското министерство.