Ахмети лут на Заев, но пак би коалицирал со СДСМ


Нашите барања се легитимни, денеска Премиер, утре Претседател на државата: Али Ахмети

Ниту Заев ниту другите нема да го имаат задоволството да ја видат ДУИ во опозиција, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во дебата на ТВ 21.

-Ќе ви исчезне насмевката на усните на 15 јули, рече  Ахмети,оценувајќи дека другите не сакаат ДУИ да ја праттат во опозиција, туку Албанците.

На истата тема Ахмети сепак беше  попомирлив во интервјуто за Телма. Според него, ова е трка во која никој не може да го предвиди крајниот резултат и затоа не го разбиира скептицизмот кон идејата Албанец премиер. Но, рече Ахмети, малку ме разочара колебањето на Заев и на Мицкоски да учествуваат во дебата со Насер Зибери и стравот и паниката што ја покажаа околу неговата кандидатура, бидејќи очекувал да ја поздрават како идеја.

Сепак, Ахмети не можеше да објасни зошто тој, по 18 години во власта и во политиката не се кандидира самиот на таа функција туку кандидира политичар што не ги дели неговите идеали и не е ниту на избирачкото ливче, а треба да го оствари неговиот сон, што му е мото во кампањата. Место тоа тој посочи дека во тие 18 години ниту еднаш не бил на висока функција освен на пратеничката, дека не е создаден за неа, дека е идеалист  и може подобро да ги оствари своите идеали, цели и мисија како лидер на партијата.

Ахмети наедно посочи дека Зибери не бил единствениот кандидат за премиер, бидејќи комуницирал со десетина од разни сфери, па и од дијаспората, но одбиле бидејќи сметале дека тоа ќе им пречи во работата. За Зибери рече дека е човек на кој му веруваат граѓаните, нагласувајќи дека и за Имер Селмани никој не предвидувал дека ќе освои македонски гласови, но на крајот  се случило тоа. Според него, граѓаните размислуваат понапредно од политичарите и  сакаат стабилност, а кандидатурата на Зибери ја гледаше како таква порака, не само за нас туку и за регионот.

Тој ја нарече хегемонистичка понудата на лидерот на СДСМ Зоран Заев до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да си разменат пратеници за да не ги условуваат за Албанец премиер, нагласувајќи дека ги почитува своите коалициони партнери, но овојпат морал да реагира.

Запрашан со кого преферира да коалицира, ако се најде во таква ситуација, Ахмети рече дека е најдобро тоа да биде со актуелниот коалиционен партнер, без оглед на изјавите на Заев дека сака ДУИ да оди во опозиција, нагласувајќи дека нема подобар партнер и за ДУИ и за државата, но одлуката сепак ќе ја донесат граѓаните.