Афера „Нефа мебел“: На измамените не им се исплаќа да тужат
Од вчера наутро во Државниот пазарен инспекторат постојано пристигнуваат претставки од граѓаните кои беа измамени во аферата „Нефа мебел“. Засега не се знае точната бројка на граѓани кои платиле за мебел, но останале и без пари и без стока, но до вчера попладне директорот Стојко Пауновски потпишал околу 40 претставки.
Инспекторите излегоа на терен во сите продавници на „Нефа мебел“ за да направат записник и да ја утврдат состојбата. По паниката и реакциите викендов, првин во Србија, а потоа и во Македонија, во српските медиуми се јави рускиот бизнисмен Андреј Ходошевич, кој стои зад оваа фирма и е познат како „кралот на креветите“. Тој се јави во живо во утринска програма и вети дека ќе ги обесштети и работниците кои работеле во двете фабрики за производство на мебел во Врање и Сомбор, но и купувачите што останале без мебел.
„Ги обезбедуваме средствата потребни за да се исплатат купувачите и работниците. Од денеска ќе се почне со уплата на средства за исплата на потрошувачите во Србија, заедно со платите кои им се должат на работниците. Тоа е износ од околу 350 до 400 илјади евра. Продажбата е запрена за да нема повеќе купувачи за кои нема да има стока, така само ќе се зголеми проблемот“, вели Ходошевич.
Тој тврди дека не си заминале преку ноќ и дека опремата е во фабриката. Сепак, главната причина поради која се случи ова, според Ходошевич, е тоа што работењето во Србија не било позитивно и износот вложен во работењето бил многу поголем од планираното. Според податоците што ги добивме од Централен регистар и фирмата во Македонија работела со загуба, односно минатата година ја завршила во минус од 350 илјади евра.
Русинот вели дека, бидејќи вложил премногу сопствени пари во овој бизнис, околу пет милиони евра, нашол луѓе што ќе го обноват производството во Србија и името на купувачот ќе биде објавено дополнително.
„Не е точно дека сме крадци и измамници. Нашите компании не користеле државни субвенции, парите од купувачите не ги задржавме за нас и од Србија немаме уплатено ниту еден денар на своите приватни сметки. Сè до минатиот месец редовно го финансиравме работењето на компанијата, при што висината на вложувањата само во текот на април надмина половина милион евра. Нашите вработени, и покрај донесената одлука за затворање на компанијата ‘Нефа’, продолжија редовно да испорачуваат мебел сè до 23 мај. Според планот, требало на сите потрошувачи да им биде обезбеден мебел и да бидат решени. За жал, по невистините објавени во медиумите, настана хаос во магацинот и не сме веќе во можност да ви го испорачаме мебелот“, вели Ходошевич во јавно писмо.
Оваа порака ја враќа надежта и кај македонските измамени граѓани, но засега институциите не контактирале со српските колеги и не нашле ниту едно одговорно лице на фирмата. Актуелниот управител на фирмата, Јулијана Вицо, не била достапна.
„Ние вртевме на броевите што Вицо ги оставила во Централен регистар, но нема никој. Ќе видиме дали и како дошле тука или некој друг за нив поднел документација. Ќе се бараат податоци и за Дане Тодоровски“, вели директорот на Државниот пазарен инспекторат.
Инспекторатот добивал претставки за оваа фирма уште пред да пукне аферата, но Пауновски вели дека по инспекциските надзори, „Нефа мебел“ или им ги испорачувала стоките на купувачите или им ги враќала парите. Пауновски вели дека, според сега достапните информации, сумата што треба да им се врати на оштетените не е многу голема и според слободна проценка е околу 50.000 евра. Најголем дел од измамените дале по 20 до 30 илјади денари, само една измамена имала околу 60.000 денари.
Адвокатот Александар Тортевски смета дека измамените не треба да тужат, бидејќи изгубиле пари за уплати и треба дополнително да губат пари за судски и адвокатски трошоци, а нема да наплатат ништо. Сепак, државата може кривично да ги гони одговорните лица.
„Граѓаните може да тужат и ќе добијат пресуда теоретски на хартија, но секој треба да потроши 2.000 евра за тоа, а нема да наплати ништо од фирмите. Тие не оставаат ништо, фирмата ќе оди во стечај и ќе се формира стечајна маса и на крајот ќе ги известат дека нема да ги обесштетат“, вели Тортевски.
Според него, сега најголемата работа треба да ја заврши Јавното обвинителство. Против одговорните да распише потерница и кога ќе ги фатат, да им кажат да ги платат обврските кон оштетените, за да ги осудат условно или ќе добијат десет години затвор. „Ако обвинителот може да ги осуди, исто ќе имаат обврска да ги вратат парите на граѓаните, но оштетените така нема да платат“, вели Тортевски.
Засега кривично не се гони никој од фирмата во Македонија. Министерството за внатрешни работи утврдува факти и прибира докази и до Јавното обвинителство ќе достави детална информација за податоците. Откако од МВР ќе пристигнат сите информации, Обвинителството ќе отвори предмет. Ако се утврдат елементи на сторено кривично дело, ќе се отвори истражна постапка против конкретен сторител.
Финансиската полиција е институцијата која ќе прави комплетна финансиска истрага за правниот субјект. Откако ќе добијат финансиска слика на фирмата, дури потоа ќе побараат соработка со српските органи. До петок се очекува да се добие појасна слика за оваа фирма која е формирана пред една и пол година.
„Нефа мебел“ била основана лани во јануари, а актуелен управител од 10 мај па досега е Јулијана Вицо. Минатата година имале приход од 36.970.000 денари, а расходи од 59.662.000 денари, односно годината ја завршиле со загуба од 22.691.000 денари, или над 350 илјади евра.
„Нефа“ имала 14 подружници во Македонија, три во Скопје, магацин во Студеничани и продавници во Куманово, Прилеп, Штип, Струмица, Тетово, Битола, Велес, Струга, Охрид и Гостивар.
Измамата први ја објавија српските медиуми каде што фирмата „Нефа мебел“ го произведувала мебелот. Фирмата практично преку ноќ го затвори производството во Врање и Сомбор и 34 продажни салони со 550 работници ги остави на цедило.
Руската фирма за производство на мебел, сепак, не мора никому да полага сметки за своето исчезнување, бидејќи рускиот инвеститор не конкурирал за некакви државни субвенции ниту во Србија, ниту во Македонија.
Фросина Факова-Серафиновиќ