Афера ја тресе Грција – паѓаат оставки


Портпаролот на грчката влада, Кристос Тарантилис поднесе оставка повикувајќи се на „семејни причини“, додека властите се на мета поради афера со силување малолетници.

Тарантилис (57) во писмо до премиерот Киријакос Мицотакис наведе дека од семејни причини не може повеќе да биде портпарол на владата, но дека останува пратеник од владејчаката конзервативна Нова демократија.

Тарантилис стана портпарол пред помалку од два месеци, на почетокот на јануари, кога беше направена козметичка реконструкција на Владата, а на тоа место ќе го наследи неговата заменичка Аристотелија Пелони.

Десничарската влада е на мета на критики од опозицијата и медиумите кои ја обвинуваат власта дека сакаат да го заташкаат случајот на сменетиот директор на Народниот театар Димитрис Линдијадис, кого го именуваше владата. Тој е во притвор, обвинет за две силувања на малолетници.

Левичарската опозиција и медиумите бараат оставка од минисерката за култура Лина Мендона, која го именуваше Линдијадис за директор на театарот.

Во Грција, последните два месеца се зголемува бројот на пријави и истраги на случаи со сексуално злоставување во областите на спорт и култура.