Афера „Хуавеи“: Кина ги повика САД да ги исправат „погрешните потези“


Кина денеска порача дека САД треба да ги поправи своите „погрешни потези“ за трговските преговори да можат да продолжат откако американскиот претседател Доналд Трамп го стави „Хуавеи“ на црната листа и ја урна вредноста на акциите на компанијата, бидејќи инвеститорите стравуваат од технолошка Студена војна.

-Ако САД сакаат да ги продолжат трговските преговори, треба да бидат искрени и да ги поправат своите погрешни потези. Преговорите можат да продолжат само врз основа на рамноправност и взаемна почит, изјави портпаролот на кинеското Министерство за трговија, Гао Фенг.

-Ние внимателно ќе го следиме развојот на настаните во врска со ова и ќе ги подготвиме потребните одговори, додаде тој.

САД го обвинуваат „Хуавеи“ дека работи за кинеската Влада и ја загрозува американската национална безбедност, што кинеската компанија го негира.

Администрацијата на Трамп оваа недела малку го омекна ставот, одобрувајќи му дозвола на „Хуавеи“ да купи американски производи до 19 август, со цел да се минимизира штетата за корисниците.

Последната рунда трговски преговори меѓу САД и Кина заврши на 10 мај, на денот кога Трамп повторно ги зголеми царините за кинеска стока во вредност од 200 милијарди американски долари и најави подигнување на давачките за целиот кинески увоз.

Кина возврати со увозните давачки од САД, но санкциите против „Хуавеи“ ја подигнаа трговската војна на повисоко ниво.