Аеродромот во Тирана годинава превезе 10 милиони патници, скопскиот три
Аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана е еден од најфреквентните и најбрзо растечките авио центри во регионот. Него го користат и многу граѓани од Македонија
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во вчерашниот разговор за емисијата „Само вистина“ на Канал 5 најави дека до крајот на годината ќе имало уште шест нови линии од скопскиот и охридскиот аеродром. Тоа ќе значи зголемување на поврзаноста на Македонија со светот.
Бидејќи, како што самиот изјави, имал „натпреварувачки дух“, Николоски ги повика „колегите од Бугарија, Албанија и Србија“ да се натреварувале кој ќе донесел најмногу авиолинии.
Каква ќе биде оваа „борба“ на Александар Николоски до крајот не знаеме, но она што се знае е дека авионската поврзаност на Македонија е најсиромашна во однос на овие три земји коишто тој ги посочува. Па дури и прави малку претерани „натпревари“.
Еве споредби на четирите главни аеродроми во овие земји – во Скопје, Тирана, Софија и Белград.
Албанија не само што нѐ претрка на патот кон ЕУ и се одвои од нас во преговорите, туку аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана е еден од најфреквентните и најбрзо растечките авио центри во регионот. И од земјите што се и што не се во ЕУ. И особено кога ќе се спореди со големината на самиот град Тирана.
Според податоците од организациите и медиумите што се занимаваат со следење на ависообраќајот преку аеродромот во Тирана во 2024 година ќе се превезат дури 10 милиони патници. Повеќе и од аеродромите во Белград и во Софија. А да не зборуваме за Скопје.
Тирана станува исклучително важен авионски центар во целиот регион. Според податоците од специјализираната страница FlightsFrom преку аеродромот во Тирана со 31 авиокомпанија се покриваат 84 дестинации. На пример, има седум авиолинии кон Велика Британија и фантастични 17 до Италија. Од него има 28.248 полетувања. Аеродромот во Тирана последниве неколку години масовно го користат и македонските граѓани за да патуваат низ светот или на одмор, а особено оние што живеат во југозападниот дел од државата.
Министерот Николоски има „натпреварувачки дух“, но за Скопје да ја стигне Тирана треба повеќе маратонски трки, затоа што податоците за патниците и дестинациите од скопскиот аеродром се многу поскромни во однос на тиранскиот. Според податоците на FlightsFrom во овој момент (а не со оние што се најавени за идната година) од Скопје има 46 дестинации и скромни 7.336 полетување. Бројот на патниците малку се зголемува и според домашните податоци во 2024 ќе достигне 3 милиони. Тоа е за три и пол пати помалку од аеродромот во Тирана. И тоа на свој начин покажува како се развива државата, како се вмрежува во светот, каков бум доживува туризмот и деловнните можности, и какви можат да бидат нејзините перспективи.
И аеродромот „Никола Тесла“ во Белград заостанува за оној во Тирана според бројот на патниците, иако има повеќе дестинации од каде што може да се замине од него. Од Белград има 99 дестинации и 32.073 заминувања. Од Белград има и прекуокенска летови (за Њујорк и Чикаго), како и три за Кина (Пекинг, Шангај и Гуангжу). Но фреквентноста од аеродромот во Белград во однос на оној во Тирана е помала, и покрај поголемиот број дестинации. Се очекува 2024 година да заврши со 8 милиони превезени патници.
И преку аеродромот во Софија треба да заминат 8 милиони патници во 2024. Таму има два терминали. Од Софија може да се полета кон 81 дестинации, според FlightsFrom; има 24.779 заминувања. На пример, од таму може да се оди до 9 града во Велика Британија или кон 6 во Шпанија. Со влегувањето на Бугарија во Шенген зоната од 1 јануари ќе се зголеми бројот на дестинациите и деловните врски. Затоа што бугарските власти веќе пресметаа дека бизнисот во земјата ќе има добивка од 800 милиони евра од влегувањето во шенгенската зона.
За да може скопскиот аеродром да се доближи до овие бројки не е потребен само „натпреварувачки дух“. Потребен е и побрз развој на државата, предвидлива европска иднина, вмрежување во европската економија и образование, кога веќе немаме излез на море. Патот е долг и не треба да се починува. (Н.В.)