Аеродромот во Истанбул собори светски рекорд на денот на финалето на Лигата на шампионите


 

Минатата недела аеродромот во Истанбул опслужил 1.684 летови, што е нов дневен светски рекорд, соборувајќи го претходниот рекорд од 1.624 летови што ги опслужил аеродромот во Франкфурт на 11 септември 2019 година, објави Европската организација за безбедност на воздушната пловидба (Еуроконтрол).

Според податоците на Еуроконтрол, со овој број летови аеродромот во Истанбул (IST) минатата недела остварил пораст во дневниот сообраќај за 12 отсто, а тоа, како што велат, „додека љубителите на фудбалот се враќале дома откако присуствувале на фудбалското финале во Лигата на шампионите“ што се играше во таа турска метропола.

Така, главниот турски воздушен центар, кој веќе е меѓу најпрометните во Европа, го надмина не само рекордот на Франкфурт од септември 2019 година, туку и парискиот аеродром Шарл де Гол, кој имаше 1.612 дневни летови на 26 август 2019 година и аеродромот Барахас во Мадрид со 1.600 дневни летови на 02.06.2019 година.

Еуроконтрол објави и дека финалето на Лигата на шампионите во Истанбул придонело за значително зголемување на дневниот проток на летови во матичните градови на финалистите во Лигата на шампионите.

Така, на миланскиот аеродром Малпенса (дом на Интер), најголемиот меѓународен аеродром во северна Италија, дневниот проток на летови се зголеми за 54 отсто, додека аеродромот во Манчестер (домот на Манчестер Сити) забележа релативно скромен пораст на дневниот сообраќај од пет отсто. 

Аеродромот во Истанбул го собори рекордот по број на дневни летови и проток на патници на 30 април, кога опслужил 195.640 патници на 1.301 лет.

Отворен пред четири и пол години, новиот аеродром во Истанбул е поголем од другите воздушни пристаништа во градот, дури и од постариот аеродром Ататурк, и служи како база за воздушно поврзување на Европа и Азија за Туркиш ерлајнс.