Аеродромци втор ден протестираат против загадувањето од Вардариште


Во скопската општина Аеродром втор ден протестираат група граѓани, против загадувањето кое доаѓа од поранешната депонија Вардариште.

Десетици гаѓани се собраа на крстосницата на булеварите „Србија“ и „АСНОМ“, а сообраќајот беше во прекин.

„Смрдеата што доаѓа и гасовите што се испуштаат од ‘Вардариште’ прават неподносливи услови за живеење. Сето тоа се одразува врз здравјето не само на возрасните туку и на децата и на генерациите што доаѓаат“, вели еден повозрасен жител на Аеродром што беше на протестот.

Друг негов сосед вели дека жителите на повеќе населби во околината се заложници на 30-тина луѓе што палат на „Вардариште“.

„Не е тоа само Ново Лисиче и Аеродром и од другата страна таму Маџари, Хиподром таа магла, тој облак се шири, рече тој.

Најавуваат дека секојдневно ќе се собираат сè додека не видат конкретни мерки за решавање на проблемот со загадувањето од депонијата „Вардариште“.

„Вардариште“ во неделата гореше, а тоа е вторпат летово, поради пожарот на депонијата да нема струја во поголемиот дел од Аеродром, но и делови од Центар.

Организаторите на протестите преку група на Фејсбук велат дека се залагаат загадувањето на воздухот да стане приоритет на сите надлежни институции и за спроведување на конкретни мерки кои ќе се справат со сите сценарија кои доведуваат до аерозагадувањето и кои ќе ги заштитат граѓаните од него.

„Нашата цел е една – Воздух сега. Немаме намера да поддржиме или нападнеме одредена политичка партија. Имаме намера да ја зголемиме свеста кај граѓаните за состојбата на воздухот, причинителите за негово загадување, позитивните пракси за намалување на истото, иновативни решенија, да ги информираме граѓаните за можностите за акција, за надлежните институции кои се должни да преземат мерки за негово намалување“, велат организаторите.