Аеродром воспостави соработка со општини во регионот
Претставници на Општина Аеродром во изминатите три дена посетија неколку градови во Западен Балкан и воспоставија контакти и меѓуопштинска соработка со неколку општини во регионот.
Остварени се средби во Елези Хан во Косово – за реализација на ЕУ-проектот за меѓугранична соработка; Шенгин во Албанија – за размена на културни вредности, Подгорица во Црна Гора – за промоција на едукативни проекти; Мостар и Сараево во Босна и Херцеговина, Чаетина – Златибор во Србија – можности за разработка на европски проекти за туризам и рурален развој и Ниш – Палилула во Србија – збратимени градови со мултифункционални заемни активности и неограничени можности за идна сестрана соработка.
Општината наведува дека средбите со раководствата на тие општини се остварени на европски начин на дипломатија и дека почетната иницијатива е базирана врз вложувањата на општините во спортот и кошаркарски клубови што учествуваат во регионалната АБА-лига.
– Со оваа иницијатива, Општина Аеродром ја промовираше својата решителност да прерасне во лидер во регионот, кој несебично ќе ги разменува идеите и иницијативите за инкорпорирање европски проекти, вредности и стандарди согласно со Стратегијата за локален економски развој. Европското знаменце не е само привилегија, туку и обврска за размена на европските вредности, ставови и проекти во регионот, посочува Александар Ѓорѓиевски, раководител на Секторот за работи на градоначалникот Златко Марин.
Општина Аеродром информира и дека сите општини од регионот со кои е воспоставена соработката изразиле желба за интензивна размена на искуства, знаења, проекти и можности за меѓународна општинска соработкa.