Аеродром пожолте: Лесно е да се засади – тешко е да се одржува


Билјана Богдановска

Од сонцето изгорена трева, суви лисје попаднати по тревниците како да е есен, а и тревата под нив е сува, жолта и мртва.

Вакви се сликите од Општина Аеродром во Скопје, иако на повеќе места се поставени системи капка по капка или прскалки. Всушност тие се и единствените зелени површини во општината. Зелено е и околу некои згради каде постари лица, пензионери наводнуваат со свои црева долги и по 50-тина метри.

Ќе ви признаат и дека прават малку „криминал“. Се трудат да наводнуваат наутро од 8 до 11 часот, кога во хидрантите има техничка вода, но наводнуваат и во вечерните часови од вода која се користи за тоалетите во зградите, која пак не смее да се користи за наводнување. Сепак, на овие горештини, тоа носи поголемо добро за сите, овозможува да преживеат тревниците меѓу зградите, кои во вечерните часови пак, ги разладуваат граѓаните кои седат на клупите.

Во општината има многу зелени површини, некои помали некои поголеми. Најновите паркови изградени на „Бојмија“, на улица „Методија Шаторов-Шарло“ и неколку други локации изгледаат добро и здраво, но веќе во паркот „Нирнберг“ се забележуваат првите загуби. Имено, таму беше засаден лавиринт од 1.200 садници, кој за само неколку месеци се исуши. Спроти него, беа засадени високи зимзелени дрвја од кои неколку се веќе исушени.

Малите парковски решенија пред влезовите на зградите се своја приказна. Одамна на нив не никнала ни тревка, а камо ли да личи на одржувано зелено парче земја. Особено тоа е забележително околу ТЦ „Скопјанка“, но и на други места низ општината.

Од Општина Аеродром, за „Независен весник“ велат дека се свесни за подисушениот лавиринт во паркот „Нирнберг“ во Ново Лисиче. Викнале луѓе кои се разбираат во градинарство и им кажале дека растенијата од лавиринтот добивале повеќе вода од потребното, па скапале од корен.

Признаваат и дека од 1.200 нови садници кои беа насадени низ целата населба, 200 не успеале и треба да се заменат со нови.

Дополнително, велат, суша е секаде, а имаат обврска да штедат вода во летните месеци и заради тоа не може зелените површини во овој период да се одржуваат зелени. Потенцираат дека сепак, булеварските жардиниери се зелени, затоа што имаат систем за наводнување.

– За одржување на зеленилото се вработуваат и сезонски работници, кои не се доволно мотивирани работата совесно да ја извршуваат, а нема доволно луѓе, кои пак би ја надледувале нивната работа. Во преговори сме со Гоу грин, невладината организација, кои би ни помогнале да уредиме повеќе тревни површини, а тие луѓе да бидат под нивни надзор, па можеби на тој начин состојбата би се подобрила – велат од Општина Аеродром за „Независен весник“.

Општина Аеродром почна и со раззеленување на поранешните стари фонтани. Односно, затоа што биле стари и амортизирани, полесно и поевтино е да се претворат во градини. Но, сепак останува прашањето како ќе се грижат за нив понатаму? На фотографиите постирани од општината на Фејсбук, направени од дрон, се гледа дека на плоштадот пред пазарчето „Бисер“ само мал дел е фонтанско решение, останатиот поголем дел се зелени жардиниери, кои ни оддалеку не се зелени. Ако се запуштиле тие стари жардиниери, дали има оправданост новото решение, доколку и тоа за неколку месеци се претвори во жолта оаза.

– Полесно е да се направи од ново и да се одржува. Овој плоштад 40 години не видел реконструкција. Затоа, планираме поголемиот дел да биде детско игралиште, што е и поевтино и полесно за одржување, а и ќе им користи на граѓаните кои своите деца ги шетаат кај трговскиот центар „Бисер“ – велат од Општина Аеродром за „Независен весник“.

За дел од проблематичните места низ Аеродром општината не е ни надлежна, како на пример за огромниот простор околу недоизградената црква „Св. Софија“ која, откако „Скопски пазар“ се откажа од нејзината изградба, потпадна под одговорност на Скопската епархија. Таа ниту продолжува да се гради, ниту е среден просторот околу неа. Напротив, ограден е со бодликава ограда, а покрај високите треви и трње фрлени се кади, тоалетни школки, градежен шут, гранки и друг отпад.

Дека состојбата со тревниците во општината не е проблем само годинава, кога мора да признаеме имаме изгор лето, сведочат и фотографиите направени пред две години од нашиот фотограф Борис Грданоски. Во продолжение погледнете ги и нив:

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски