Аеродром постојано загаден од Вардариште, а прочистувачи за училиштата допрва ќе се набавуваат

Аеродром, особено делот на Ново Лисиче и Лисиче, речиси секојдневно се соочуваат со загадување на воздухот од потпалување на депонијата Вардариште, а општината и МОН допрва ќе набавуваат прочистувачи на воздух за училиштата.
В.Д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој воедно е и кандидат на претстојните локални избори за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, прашан што ќе преземат за безбеден престој на учениците во училиштата, најави дека во соработка со Владата во следниот период ќе набават прочистувачи на воздухот за училиштата, најпрво за реоните на Ново Лисиче и Лисиче, кои се најизложени на загадувањето на воздухот од Вардариште.
Сепак, тој смета дека до дефинитивно решение за постојаното загадување ќе дојде откако ќе се изгради гасна когенеративна централа, која ќе донесе топла вода до домовите на лисичани, со што ќе се замени начинот на греење, од дрва, на парно.
„Ова загадување е од потпалување на депонија којашто Градот Скопје ја има комплетно запоставено изминативе осум години и не наоѓа уште начини да ја реши таа депонија, а страдаме токму ние, граѓаните на Аеродром најмногу, односно граѓаните на Ново Лисиче и Лисиче. Оваа депонија мора под итно да се решава: за жал не е на територија на Општина Аеродром и немаме механизам како да делуваме, меѓутоа од неделата, вчера и во текот на утрово сум во постојана комуникација со МВР и со ОЈО коишто веќе се излезени на терен и преземаат мерки за заштита на тој дел, за ограничување на пристапот, за утврдување на причините за потпалување, а секако се работи на план за ревитализација на депонијата Вардариште. Заедно со Орце Ѓорѓиевски тоа го разговаравме и тоа ќе биде едно решени во наредниот период“, одговори Митевски на новинарско прашање, при денешната посета на ООУ „Блаже конески“, каде заедно со министерката за образование Весна Јаневска, поделија таблети за четвртоодделенците.
„Дефинитивно и целосно решение предвидува Владата, со гасификација на градот, за кое знаете дека само тоа може да биде реално решение кое драстично ќе го намали загадувањето. Многу пати сме кажале, истражувањата покажуваат дека загадувањето се должи на начинот на греење на граѓаните. Проектот е почнат, преговорите се почнати и тогаш ќе може да зборуваме за решение на овој проблем. Во меѓувреме, Владата набави огромен број на прочистувачи и ги подели по училиштата. Продолжуваме заеднички со општините да работиме на проблемот“, рече министерката Јаневска.
Вчера пак, учениците во Аеродром учебната година ја почнаа со загаден воздух, кој се должеше на ден предхно запалената депонија Вардариште, која уште тлееше во раните утрински часови.
И покрај тоа што вчера тројца градоначалници беа на Вардариште, (Дејан Митевски – в.д. градоначалник на Аеродром, Бобан Стефковски – градоначалник на Гази Баба, општината на чија територија се наоѓа Вардариште и Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода, претседатле на ЗЕЛС, и кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ВРМО-ДПМНЕ), сепак, во 21 часот непријатна смрдеа на запалена пластика и гума се ширеше повторно низ Ново Лисиче.