АЕК објави резултати од мерење на квалитетот на мобилните мрежи на А1 и Македонски Телеком во Тетово и Илинден

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави извештаи за состојбата на квалитетот на јавни електронски комуникациски услуги обезбедени преку јавни електронски комуникациски мрежи за населените места Тетово и Илинден кои се базираат на мерењата кои АЕК ги спроведе во период од 16 октомври  до 4 ноември годинава.

Направените мерења се обврска која произлегува од Правилникот за параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги обезбедени преку јавни радиокомуникациски мрежи, според кој АЕК ги контролира и мери параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги. Мерењата се однесуваат на безжичните услуги кои ги пружаат операторите А1 Македонија ДООЕЛ и Македонски Телеком АД Скопје.

Извештајот за населеното место Тетово покажува дека, независно од технологијата, операторот А1 обезбедува 100 проценти покриеност со сигнал, а Македонски Телеком 99,85 проценти. И кај двата оператори не се забележани прекинати повици, додека А1 нема неуспешни повици, а кај МТ се измерени 0,8 проценти. И двата оператори обезбедиле приближно ист квалитет на говор и време за воспоставување повик далеку пониско од седум секунди зададени од АЕК.

Во поглед на брзината на пренос на податоци, во Тетово за симнување фајл со големина од 10GB операторот А1 Македонија обезбедува брзина за пренос на податоци од 100.929 Mbps, додека кај Македонски Телеком била измерена брзината од 76.002 Mbps.

На подрачјето на Општина Илинден и двата оператори имале 100 проценти достапност, операторот А1 немал неуспешни и прекинати повици, додека кај Македонски Телеком биле измерени 1,1 процент неуспешни и 2,2 проценти прекинати повици. Задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК и за двата параметри била помалку од 2 проценти.

На ова подрачје Македонски Телеком обезбедува помала брзина на пренос на податоци од задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК која е утврдена да мора да биде поголема од 55.000Mbps. Брзината со која корисниците на мобилен интернет на Македонски Телеком  можат да симнат фајл од 10 GB на подрачјето на Општина Илинден изнесува само 31.039 Mbps. Кај операторот А1 измерената брзина на пренос била 82.530 Mbps.

Извештаите од извршените мерења на АЕК се објавени на https://komuniciraj.mk/mk/izmereni-parametri-za-kvalitet-2020/