Адвокатот на Трамп, Руди Џулијани, има Ковид-19

САД– Руди Џулијани, личниот адвокат на Доналд Трамп, и првиот човек во кампањата на претседателот за неприфаќање на резултатите од неодамнешните избори во САД, е позитивен на коронавирус. Информацијата за тоа прв ја објави самиот Трамп.

-Руди Џулијани, досега најголемиот градоначалник на Њујорк, кој работи напорно да ги разоткрие досега најкорумпираните избори во историјата на САД, има позитивен тест од вирусот од Кина, твитна Трамп синоќа, пожелувајќи му да оздрави што побрзо. 

Според некои извори, Џулијани вчера попладне бил примен во Медицинскиот центар Џорџтаун на анализи и проверка од симптоми. 

Џулијани (76), минатата недела патуваше во Мичиген, Аризона и Џорџија, каде во затворени простории оддржа средби со законодавци на тие држави, дел од кампањата на убедување да се поништи победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, јави Вашингтон пост. На видео снимки од некои од тие средби се гледа како Џулијани не носи маска. 

Неколку часа пред твитот на Трамп, неговиот адвокат се појави на утринска емисија на телевизијата Фокс Њуз, каде уште еднаш ги повтори тврдењата на претседателот дека изборите наводно биле лажирани. 

Претседателот Трамп и првата дама Меланија, и уште десеттина негови блиски соработници, досега беа позитивни на коронавирусот. Во списокот се екс-советничките Хоуп Хикс и Келијен Конвеј, личниот асистент Николас Луна, советникот за политика Стивен Милер, портпаролот на Белата куќа, Кејли Мекенани, неговиот син Доналд Трамп -помладиот и повеќе други републиканци, како поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, министерот за станбен и урбанизиран простор, Бен Карсон и уште и над педесеттина други сопартијци. 

Во текот на глобалната пандeмија на короноавирусот, од која САД настрадаа најмногу од сите држави во светот, во земјата досега починаа над 280.000 Американци, a моменталната бројка на заразеност е речиси 14.8 милиони луѓе. Но, републиканците одбиваат да прифатат дека вирусот е опасен и на предизборните митинзи и други настани организирани од претседателот во текот на цело лето и есента, не вршеа социјална дистанца и не носеа маски.